Министерството за здравство го вработи Јосиф Мишевски, фармацевт со ретка болест

Министерството за здравство соопшти дека го вработило младиот фармацевт Јосиф Мишевски кој ќе работи во секторот фармација и ќе биде активн вклучен во креирање на Програмата за ретки болести.

„Имајќи во предвид дека лицето спаѓа во категоријата лица со ретки болести (со дијагноза ихтиоза), на овој начин лицата кои директно се засегнати од имплементацијата на Програмата, активно се вклучуваат во нејзиното креирање. Дополнително, лицето има претходно работно искуство во невладиниот сектор, вклучувајќи и здружение за ретки болести со што користејќи го своето искуство значително ќе придонесе за унапредување на здравствената заштита за оваа категорија пациенти“, соопштија од министерството.

Мишевски е момчето од гостиварско Тумчевиште, кое и стана познато на јавноста по својата несебичност и хуманост. Иако официјално невработен, тој за Нова година, парите кои ги заработил на тримесечен проект ги употреби за да ги израдува децата од Дневниот центар за лица со посебни потреби. Една и од неговите новогодишни желби, како што вели во интервјуто за „ГостиварПрес“, е да се реши проблемот на лицата со ретки болести и тие да добијат непречен простап до терапија.

Јосиф е единствениот во Македонија кој боледува од ихтиоза, ретко заболување на кожата кое што се добива од раѓање. Болеста се манифестира со сува кожа која што пука и се лупи, има изразено црвена боја, што го зголемува ризикот од појава на кожни инфекции, отоци и дехидрирање.