Министерството за култура со контрареакција: Одлуката против забраната на ЗАМП е законска

Министерството за култура се јави со контрареакција на реакцијата на Здружението за авторски македонски песни, велејќи дека одлуката да се укине забраната за пуштање македонска музика е законска. Оттаму нагласуваат дека постапуваат исклучиво врз основа на своите надлежности утврдени со Законот за авторското право и сродните права.

„Решението за запирање од извршување на одлуката за забрана за емитување на музика е донесено во јасна и дефинирана постапка и истото решение е целосно законски основано. Правната неоснованост на овој акт, може да ја цени само надлежниот суд, а не ЗАМП. Напоменуваме дека постапувањето, односно непостапувањето на ЗАМП по донесен акт од надлежен државен орган, односно од Министерството за култура е негов избор и негова законска одговорност“, велат од Министерството.

Тие сметаат дека и ЗАМП е должно и законски обврзано да го стори истото.

„Сакаме да потенцираме дека ЗАМП е здружение кое врши колективно управување со авторски музички права врз основа на дозвола добиена од Министерството за култура и треба да работи во интерес на сите автори, почитувајќи ги законите во Република Македонија, вклучително и во согласност со актите на надлежното Министерство за култура.

Денешните наводи кои ЗАПМ ги изнесе во јавноста се груби лаги, невистини и паушалности проследени со целосно непознавање на законските прописи од областа на авторското право, па во таа смисла спротивно на тврдењата на ЗАМП во кои беше посочено дека Министерството за култура, Решението за запирање од извршување на одлуката за забрана за емитување на музика не го доставило до надлежниот суд, потврдуваме дека истиот ден на доставување на решението до ЗАМП, паралелно поведена е и постапка пред надлежниот суд за оценка на законитоста на актот“, стои во соопштението.

ЗАМП: Министерството ја замајува јавноста, единствено авторите може да ја отповикаат забраната