Меѓаши: Детето никогаш не треба да се стави во ситуација да избира меѓу двајцата родители

Детето никогаш не треба да се стави во ситуација да избира меѓу двајцата родители. Од особена важност за детето се поддршката и љубовта од двајцата родители. Тоа не треба да се отуѓува од родителот. Разводот треба да биде престанок на бракот, а не престанок на родителството. За детето е важно да знае дека двајцата родители донеле одлука за развод и дека тоа не е виновно за таа ситуација, рече Драги Змијанац од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, која го поддржи двете граѓански иницијативи за изедначување на правата на лицата со посебни потреби „5 до 12“ и за заедничко и одговорно родителство и по развод.

Двете иницијативи потпишаа Меморандум за соработка, а нивните претставниците и Меѓаши на прес-конференција во ЕУ ИнфоЦентар предложија и законски измени.

Змијанац нагласи дека согласноста за заедничко вршење на родителското право, со која родителите на детето се согласуваат дека родителските права и обврски ќе ги извршуваат заеднички и со меѓусебно договарање, меѓу другото, подразбира и утврдување на живеалиштето на детето затоа што во психолошка смисла за детето особено е важно да знае каде му е домот.

„Овој модел подразбира и зајакнување на квалитетната комуникација меѓу родителите, со цел да се намали и да се спречи трауматичното чувство кај децата поради разделбата на двајцата родители. Надлежниот суд и стручниот тим на центрите за социјална работа,  при оцената за доверување на детето на чување и воспитување, треба да тргнуваат од позицијата дека двајцата родители треба заедно и непосредно да го вршат родителското право, односно стартната позиција за можност за заедничко старателство да биде рамноправна и еднаква“, рече Змијанац од „Меѓаши“, нагласувајќи дека со еднаков дел од обврските во подигнувањето и воспитувањето на детето и негов правилен раст и развој, како и при донесување на одлуки за детето, ќе практикуваат одговорно и квалитетно родителство и по разводот.

Наум Рибароски од Иницијативата за заедничко и одговорно родителство по развод објасни дека по двеипол годишно работење, Иницијативата свртува нов лист.

„И покрај јасно изразената поддршка на стручната јавност во однос на нивните предлози, ставот на МТСП е дека иако овој проблем треба да се реши, тоа нема да се случи пред 2019 година. Со оглед на се поголемиот број засегнати деца и продолжувањето на праксата едниот родител да се исклучува од животот на децата по развод“, смета тој.

Од настанот во ЕУ ИнфоЦентар на иницијативите и Меѓаши

Иницијативата не се согласува со ваквото одолговлекување. Затоа, ќе интензивира со поинтензивно присуство во јавноста следниот период и изложување на поединечни случаи како во медиуми, така и пред надлежните, од кои, вели Рибароски, се гледа дека не е постапувано во интерес на децата.

Во однос на склучувањето на меморандумот за соработка со ,,5 до 12”, Рибароски изјави дека е тоа сродна иницијатива каде децата се исто така во фокусот, а предлогот за заедничко и одговорно родителство е од особена важност за семејствата со деца со посебни потреби. Заедничка заложба на двете Иницијативи е државата да изгради систем каде еднаквите родителски права и обврски ќе бидат загарантирани, а во случај едниот родител да се откаже од родителските права, да нема можност да биде ослободен и од обврските околу детето.

Според Сузана Стојановска од ,,5 до 12”, децата со хендикеп не се прифатени од околината и не се препознаени во нашето законодавство, па не се спомнати ниту во Законот за семејство.

„Тие деца заслужуваат шанса и како посебна категорија треба да им се даде и посебен третман во законодавството. Раѓањето на деца со посебни потреби претставува шок за секое семејство и оттука многу често се случува браковите да се распаднат и овие деца да се одгледуваат од самохран родител, најчесто самохрани мајки. Затоа во наш интерес е прецизно да се дефинира терминот самохран родител како основа за обезбедување поддршка за овие деца и родители од државата“, рече Стојановска.

Инаку, поддржувачи на Иницијативата за заедничко родителство и после развод се и други самохрани мајки, во вистинската смисла на зборот. Една од нив е и Љубинка Јаневска која ги демантираше гласините кои кружат на социјалните мрежи дека оваа Иницијатива за е против самохраните мајки.

,,Напротив, од мојот личен пример каде мојот поранешен сопруг веќе 10 години не се грижи за децата можам да посведочам дека двата родитела се еднакво битни. Промените кои ги бара оваа иницијатива ќе направат големи промени кај децата на разведените родители. Нашата држава го поддржува еднородителскиот систем и тоа е во ред доколку се работи за само еден родител, но за мене неприфатливо и несфатливо е да се поддржува еднородителски систем кога и двата родители се подобни, сакаат и можат да се грижат за своите деца, бидејќи на секое дете му се потребни двајцата родители”, рече Јаневска.