Медиумска писменост да се воведе во институционалното образование

Средношколците многу често го користат социјалното вмрежување за вербално и емоционално малтретирање. Нурнати во мобилните телефони и видео игрите, тие забораваат на дружењето надвор од домот, ручекот на маса или истегнувањето на мускулите, додека рекламите и филмовите создаваат кај нив поинакви модели на однесување од оние со кои се среќаваат во реалноста. За овие прашања стотина средношколци, родители и професори минатата недела разговараа на Дискусијата за медиумска писменост, што ја организираше Високата школа за новинарство и за односи со јавноста.

Медиумска писменост да се воведе во институционалното образование

На дискусијата беше посочено дека говорот на омраза е се позастапен при социјалното вмрежување на тинејџерите без да се размисли дека со него се повредува, понижува и поттикнува брутално однесување.

„Луѓето криејќи се зад маската на анонимност си земаат за право да објават било каква информација, текстови со навредливи и вознемирувачки содржини како и фотографии со кои може да се наруши приватноста. Дополнително, вградените камери во мобилните телефони овозможуваат направената фотографија да биде распространета за две до три минути. Па така, фотографијата за која можеби и не знаеш дека постои ќе се најде пред сите.“, изјави професорката Наташа Ацевска од средното училиште „Георги Димитров“.

За средношколците мобилните телефони се суштински дел од нивниот социјален живот. Преку нив разменуваат информации, видео клипови и слики, а истовремено служи и за забава и социјално вмрежување. Уште една рекреативна активност во која тинејџерите велат дека уживаат се видео игрите.

„Добриот избор и квалитет на видео игрите е вистински тренинг за мозокот на младите луѓе, за развивање на креативните вештини и решавањето проблеми и загатки. Видео игрите се извонреден поттикнувач на тимската работа во случаите кога се изведуваат со другите. Меѓутоа, играњето за кусо време прераснува во хоби и тинејџерите ретко кога можат да се контролираат колку е доста“, вели професорката Душица Ристовска од гимназијата „Јосип Брзо Тито“.

Преку телевизијата и филмовите, адолесцентите создаваат идоли, припадност кон одредена идеја или идеолошка група и на тој начин го дефинираат своето „себе“.

„Мултимедијалните содржини и емисиите од забавен карактер кои ги привлекуваат младите најсилно влијаат врз пренесувањето нови модели на културата. Тие се поврзани со начинот на облекување, однесување, храната, музичките вкусови, стилови и слично. Врз идентитетот на средношколците влијаат и рекламите кои преку забава и информација ги користат техниките на заведување, убедување и стереотипизација“, смета професорката Тамара Ќупева од средното училиште „Орце Николов“.

Учесниците на дискусијата се согласија дека медиумите се доминатна форма на образование и воспитание на средношколците во време кога филмови се гледаат на интернет, фотографии се чуваат во мобилен телефон, кафе се пие на Скајп, а љубов се изразува преку СМС пораки или на Фејсбук. Затоа, сметаат тие, е неопходно медиумската и дигиталната писменост што побрзо да се интегрира во програмите на институционалното образование.