Мбапе ја донираше заработката од Светското првенство во спортска школа за деца со попреченост

Килиан Мбапе, францускиот фудбалер кој беше прогласен за најдобар млад играч на Светското фудбалско првенство во Русија, ја донираше во хуманитарни цели целосната заработка која ја имал во текот на првенството.

Медиумите пресметале дека 19-годишниот Мбапе од натпреварите и бонусите на светскиот шампионат заработил вкупно 430 илјади евра кои ќе ги донира на хуманитарната организација „Preiers de Cordees“ која организира спортски активности за деца со попреченост.

Зборувајќи за весникот Ла Парисиен, хуманоста на Мбапе не била изненадување за генералниот менаџер на хуманитарната организација Себастијан Руфин.

„Килиан е прекрасна личност. Секогаш кога обврските тоа му го дозволуваат тој со задоволство помага во нашите активности“, изјавил Руфин.

Мбапе со дел од децата од спортската школа на „Preiers de Cordees“

Мбапе, кој беше една од најуспешните приказни на првенството во Русија, предводејќи ја Франција до светската титула постигнувајќи четири гола. Минатата сезона потпиша договор со францускиот шампион Парис Сен Жермен, во еден од најскапите трансфери во историјата на фудбалот вреден скоро 190 милиони евра.

Хуманоста на младиот фудбалер предизвикало и дел од колегите од репрезентацијата да го следат. Одбранбениот играч Самуел Умтити, кој е еден од оние кои се приклучиле во акцијата, изјавил дека играњето за националниот тим нема никаква врска со парите.