МБА: Банките во интензивна комуникација со VISA и MasterCard откако не функционираат платежните картички и банкоматите

Откако граѓани се жалат дека веќе неколку часа не можат да подигнат средства од банкоматите, ниту пак да остварат плаќање преку ПОС-терминалите, од Македонската банкарска асоцијација (МБА) велат дека дел од услугите на нивните членки (банки) поврзани со картичните брендови VISA и MasterCard се недостапни – на банкомат или во трговија.

Оттаму истакнуваат дека членките на МБА се во интензивна комуникација со картичните брендови VISA и MasterCard, а посочуваат дека од досегашните анализи може да се каже дека причината за проблемот не е поврзана со националните телеком оператори, ниту со поединечните системи на банките.

„Како и досега, средствата на клиентите на банките се достапни во сите експозитури и филијали. По добивање покомплетни сознанија, јавноста навремено ќе биде известена од страна на Македонската банкарска асоцијација. Се надеваме на брзо нормализирање на сервисите“, се вели во соопштението од МБА.

Дополнително од НЛБ Банка објавија соопштение дека нивната мрежа моментално се соочува со технички проблем и како резултат на ова, подигнувањето готовина од банкоматите на НЛБ Банка е привремено оневозможено.

„Нашите тимови работат на решавање на проблемот. Доколку имате итна потреба од подигнување на готовина од вашата трансакциска сметка, ви препорачуваме да ја посетите најблиската експозитура на Банката. Подигнувањето на средствата ќе ви биде овозможено без надоместок“, истакнаа од банката.

Банки членки на МБА се Стопанска банка, НЛБ Банка, Халк банка,  Прокредит банка,  Шпаркасе банка,
Развојна банка на С. Македонија, Стопанска банка – Битола, Централна кооперативна банка, ТТК банка
Силкроуд банка, Капитал банка, Уни банка и Комерцијална банка.