„Немојте да работите за уништувачите на климата“, им кажа шефот на ОН на дипломците од генерацијата 2022

„Немојте да работите за уништувачите на климата“, беше пораката која студентите кои дипломираат оваа година ја добија од генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш.

Тој во говорот пред дипломците од Универзитетот Сетон Хал во САД порача дека тие треба да бидат дел од климатските решенија, наместо климатските проблеми.

„Вие мора да бидете генерација која ќе успее во адресирање на планетарната ургентност од климатските промени. Мојата порака до вас е едноставна: Не работете за уништувачите на климата. Искористете ги вашите таленти за да не движите кон обновлива иднина“, рече Гутереш.

Климатската криза беше клучен сегмент од обраќањето во кое шефот на ОН го опиша светот „под закана“. Руската инвазија врз Украина исто така се најде во говорот на 73-годишниот лидер, навраќајќи се на пораките кои ги пренесе претходната недела во која означи пет активности кои светот треба да ги преземе за да се насочи кон обновлива енергија.

„И покрај купиштата докази за климатската катастрофа која надоаѓа, ние и понатаму гледаме огромни пари кои се издвојуваат за јаглен и фосилни горива кои ја убиваат нашата планета. Овие пари продолжуваат да течат од некои од најголемите имиња во финансискиот сектор, хеџ-фондовите и приватниот капитал. А знаеме дека инвестирањето во фосилни горива е слепа улица. И еколошки и економски. Ниту еден спин не може да го смени тоа. Затоа мораме да им испратиме порака: Ќе има одговорност за оние кои ќе ја ликвидираат нашата иднина“, рече Гутереш.

Говорот Гутереш го дава пред дипломците чии кариери веројатно ќе продолжат во финансискиот сектор. Универзитет Сетон Хол е една од најголемите католички инситуции во САД и ги има некои од најголемите банки во своето портфолио на „познати работодавачи“ за нивните поранешни генерации студенти.

„Како дипломци, картите се во ваши раце. Вашиот талент е баран од мултинационалните компании и големите финансиски институции“, додаде шефот на ОН.

Студентите кои дипломираат оваа година се соочуваат со проблематичен период, откако половина од нивните студии беа засенети од пандемијата со коронавирусот. Гутереш посочи дека иако дипломирал како инженер, никогаш не работел во струката.

„Она што го научив од моето школување беше многу побитно од електрониката и телекомуникациите. Најважната вештина која ја добив беше „учењето како да учам“, како да работам со другите, како да комуницирам идеи, и пред се` – како да направам промена во светот“, рече Гутереш.

Тој својот говор го заврши со мотото на Универзитетот: „Без оглед на опасноста, одете напред“.