[Видео] Десетици илјади луѓе на протест во Њујорк бараат од Обединетите нации укинување на фосилните горива

Десетици илјади луѓе се собраа во американскиот град Њујорк, повикувајќи на итна акција против климатските промени пред отворањето на Генералното собрание на Обединетите нации, пренесува Ал Џазира Балканс.

На протестот учествуваа демонстранти од околу 700 организации и активистички групи кои извикуваа дека иднината на човештвото зависи од укинувањето на фосилните горива и носејќи натписи „Фосилните горива нѐ убиваат“ и „Не гласав за пожари и поплави“.

Многумина го насочија својот гнев директно кон американскиот претседател Џо Бајден, кој се кандидира за реизбор следната година, повикувајќи го да престане да одобрува нови проекти за нафта и гас, постепено да ги укине постоечките и да прогласи климатска вонредна состојба со поголеми извршни овластувања.

„Ние ја имаме моќта на народот, моќта што ви е потребна за да победите на овие избори. Ако сакате да победите во 2024 година, ако не ја сакате крвта на мојата генерација на вашите раце, укинете ги фосилните горива“, рече 17-годишната Ема Бурета од Бруклин, од младинската протестна група „Петоци за иднината“.

Собирот се одржа во пресрет на отворањето на климатската недела во Њујорк, каде светските лидери од областа на бизнисот, политиката и уметноста се здружуваат за да се обидат да ја спасат планетата.