Масовен протест на хрватските просветни работници „Хрватска мора подобро!”

Под мотото „Хрватска мора подобро“ (Hrvatska mora bolje) голем број просветни работници се собраа на главниот плоштад во Загреб, „Бан Јелачиќ“, на еден од можеби најмасовните собири за подобро образование и статус на наставните кадри, по протестите во 2016 година.

Околу 55 работнички синдикати им даваат поддршка на просветните работници, а библиотекарите, полициските службеници, морнарите, шумарите, сообраќајците исто така го најавуваат своето присуство.

Денес нема настава во целата земја, a синдикатите најавуваат протести и во текот на целата недела и покрај тоа што паралелно се водат преговори со Владата. Во петокот, предводниците на синдикатите по состанокот со владините претставници изјавиле дека се приближуваат до решение кое би им ставило крај на протестите кои траат уште од 10 октомври.

„Протестите и штрајкот немаат никаква врска со политиката. Нашите барања се оправдани, а сè друго се игри со кои немаме никаква врска. Нашето барање е зголемување од 6,11% на коефициентите на образованието, а колку сериозно ќе го преземе Владата ова, зависи од тоа кога ќе дојдеме до решение. Инаку, не го гледаме крајот на штрајкот“, изјави во неделата Ана Тускан, генералниот секретар на Хрватската унија на учители, уверена дека Владата ќе го даде добар одговор по протестот на плоштадот „Бан Јелачиќ“.

Фотографија на Srđan Kovačević‎ објавена во ФБ групата Podrška roditelja nastavnicima u štrajku на која се забележува присутноста на протестот во 12:05 часот

Ниту една од засегнатите страни не открива поголеми детали околу преговорите кои се водат, иако премиерот Андреј Пленковиќ саботава изјавил дека “понудено е решение според кое училиштата може да се отворат наредната недела“. Но, никој со сигурност не може да потврди кога наставниците и учениците ќе се вратат во училниците.

Во статусот објавен на Фејзбук, Министерката за образование и наука, Блаженка Дивјак пишува дека „уште од првиот ден на кризата, постои јасен став дека отворениот дијалог, кооперативната стратегија и подготвеноста на компромис немаат алтернатива“ и дека „конечно го извлековме односот на Синдикатите и Владата од рововите.“

„Можеби сум упорен оптимист, но место за договор и решение постои, па затоа е важно сите да останат мирни и аргументирани и да не се реагира на неосновани шпекулации. Целта е да се реши оваа криза и да им помогнеме на учениците и наставниците да се вратат задоволни и мотивирани во училниците и да продолжат со реформите“ – рече во неделата Дивјак.

Таа додаде дека е време возрасните и одговорни луѓе да дадат пример како проблемите можат да се решат преку реформи, а од учениците побара да се научат да решаваат проблеми наместо да учат напамет.

Покрај колегите од другите синдикати, наставниците добиваат бројни пораки за поддршка и надвор од Хрватска. Во писмото за поддршка на хрватските колеги, синдикатот за образование од Србија, меѓу другото, укажува дека „го бранат достоинството на професијата и го зајакнуваат имиџот на наставниците не само во Хрватска, туку и пошироко“.

Извор: Slobodna Dalmacija