Маск: Вградивме чип во мозок на човек

Милијардерот Илон Маск вели дека неговата компанија Неуралинк за прв пат успешно вградила еден од своите безжични чипови во човечки мозок.

„Првичните резултати покажуваат ветувачки нервни импулси и пациентот добро закрепнува“, објави Маск.

Како што јавува Би-Би-Си, целта на компанијата е да го поврзе човечкиот мозок со компјутер и да помогне во решавањето на сложени невролошки состојби.

Голем број конкурентски компании веќе имаат вградено слични уреди.

„За секоја компанија што произведува медицински уреди, првиот тест кај луѓето е значајна пресвртница“, вели професорката Ен Ванхостенберге од Кралскиот колеџ во Лондон.

„За заедницата за имплантација на мозочен чип, оваа вест мора да ја ставиме во контекст дека иако има многу компании кои работат на возбудливи производи, има само неколку други компании кои ги вградиле своите уреди кај луѓето, така што Неуралинг се приклучи на прилично мала група“, вели таа.

Сепак, таа исто така посочи дека треба да се има забелешка на претпазливост бидејќи „вистинскиот успех“ може да се оцени само долгорочно.

„Знаеме дека Илон Маск е многу вешт во генерирањето публицитет за својата компанија“, додаде таа.

Помеѓу другите компании кои постигнаа сличен напредок во оваа област е „École Polytechnique Fédérale“ од Швајцарија, која успешно му овозможи на парализиран човек да оди само со помош на мислите.

Тоа беше постигнато со ставање електронски импланти на неговиот мозок и ‘рбет, кои безжично ги пренесуваат мислите на неговите нозе и стапала.

Инаку, засега нема потврда на изјавата Маск, ниту, пак, Неуралинк даде какви било информации за постапката за која тој вели дека се случила.

Би-Би-Си се обратило и до Неуралинк и до американскиот медицински регулатор, Управата за храна и лекови (ФДА), за коментар.

Во мај, компанијата на Маск доби дозвола од ФДА да го тестира чипот на луѓе, што претставува пресвртница. Со ова е дадено зелено светло за почеток на шестгодишно истражување.

На пациентите кои ќе учествуваат во студијата хируршки ќе им се вгради чип во делот од мозокот кој ја контролира намерата за движење. Чипот, кој ќе го инсталира робот, потоа ќе снима и испраќа мозочни сигнали до апликација, со првична цел „да им се овозможи на луѓето да го контролираат курсорот или тастатурата на компјутерот користејќи ги само своите мисли“, посочи Неуралинк.

Маск на Икс (Твитер) објави дека првиот производ на Неуралинк ќе се вика Телепати. Треба да овозможи да се контролира нечиј мобилен телефон или компјутер – со размислување.

„Првите корисници ќе бидат оние кои ја изгубиле способноста да ги користат екстремитетите. Замислете Стивен Хокинг да може да комуницира побрзо од брз дактилограф. Тоа е целта“, напиша Маск.