Дури и мали количини алкохол штетат на мозокот, покажува ново истражување

Не постои безбедна количина консумација алкохол за мозокот, бидејќи дури и „умерено“ пиење негативно влијае на скоро секој дел од овој орган, покажа научна студија спроведена врз 25.000 луѓе во Велика Британија.

Истражувањето, кое сè уште треба да биде надворешно рецензирано, покажува дека колку повеќе се консумира алкохол толку се намалува големината на мозокот. Тоа всушност значи дека колку повеќе пиете толку полошо работи вашиот мозок.

„Не постои праг до кој алкохолот не е штетен – секоја количина е лоша. Изгледа дека влијае скоро на целиот мозок, не само специфични делови како што претходно се претпоставуваше“, објаснува водечката авторка на студијата, Ања Топивала, предавач на Универзитетот во Оксфорд.

Научниците за истражувањето користеле податоци од британската „Биобанка“, опсежна база на податоци која е наменета да им помогне на истражувачите во откривање на генетските или еколошките фактори кои влијаат некои луѓе да развијат болест, а други не. За ова истражување биле разгледувани податоци од 25.378 учесници, во кои се разгледувала нивната возраст, пол, образование, нивната консумација на алкохол, бројот на посети во болница, тестови на меморија, големината на мозокот и снимки од магнетна резонанца.

Научниците утврдиле дека поголемата консумација на алкохол на неделно ниво е поврзана со помала густина на сивата мозочна маса. Во истражувањето било утврдено дека алкохолот влијае до 0,8% промена во големината на сивата маса, дури и откако се пресметале и другите индивидуални биолошки карактеристики и нивното однесување.

Иако ова изгледа како мала бројка, сепак таа е повисока од било кои други фактори на ризик кои се променливи. На пример таа е повисока дури за четири пати од пушењето како ризик фактор, или од индексот на телесна маса.

Покрај ова, утврдена била и негативна поврзаности меѓу пиењето алкохол и белата мозочна маса.

Ова истражување е спротивставено на претходни студии кои покажуваа дека постојат придобивки во умереното пиење вино, наспроти пиво или жестоки пијалоци. Научниците сега не успеале да најдат никакви докази дека различни видови алкохол прават некоја разлика во ризиците по мозокот.