Макрадули најави закони за Водно и Матка, Го сакам Водно реагира дека воопшто не се консултирани

Законот за заштита на пределот на Матка и законот за заштита на Парк шумата Водно се во завршна фаза на изработка и со нив ќе се регулираат зоните на строга заштита во овие подрачја, рече денес заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, на што реагираа од иницијативата Го сакам Водно, кои воопшто не биле консултирани во целиот процес.

Според Јани Макрадули, законот за Матка е во понапредна фаза, завршено е зумирањето, подготвени се сите документи, па се надева дека брзо ќе влезе во владина процедура.

„Истото тоа очекувам до крајот на годината да го направиме и за Водно, за конечно да се стават на законска основа, што се може да се прави, што не во овие природни убавини“, рече Макрадули пред работилницата „Подготовка на Национален интегриран план за енергија и клима (NECP)“ за периодот 2020 – 2030 година.

Како што пренесува МИА, Макрадули оцени дека дивоградбите влијаат негативно врз природата, дека се недозволиви и дека мора да се регулираат.

Согласно законот што е во изработка, најави тој, ќе се дефинираат зоните, која зона ќе биде за строга заштита, која е за активно управување, и која е за одржлив развој.

„Ќе постојат заштитени зони во кои нема да може ништо да се прави, додека во други ќе може да се интервенира за рекреација и за објекти“, додаде Макрадули.

Андреа Јанков од Го сакам Водно, пак, реагира дека согласно најавите, ова е само препишување на нешто предвидено уште 1991 година. Односно, сето вложено и ангажирано како експертиза во работните групи за изработка на законите, на некој начин, е да потврди на лице место нешто што е веќе јасно, да се препише стар закон.

Со ова што го изјавува заменик-министерот за новиот Закон за Матка и Водно, се испоставува дека целава ситуација е ‘Тресла се гора, родио се миш’, затоа што она што го наговестува како зони на заштита, односно строго заштитена зона и зона на одржлив развој, е опфатена уште порано од законските регулативи што го уредуваат статусот на Парк-шума Водно“, вели Андреа Јанков за Радио МОФ.

Меѓутоа, напоменува тој, пред да се избрза со заклучоци, сепак ќе почекаат да го видат законот и во некоја работна верзија или финална форма, бидејќи се’ уште не е познат, ниту презентиран на јавноста.

„Понатаму, само би коментирал за делот во кој се споменува дека ‘ќе постојат заштитени зони во кои не ќе може ништо да се прави, додека во други ќе може да се интервенира за рекреација и објекти’. Конкретно, ‘рекреација и објекти’ може да има широко толкување и злоупотреби, и не би сакале да прогнозираме што би значело во иднина. Звучи како продолжување на статус кво-то на Водно. Односно се отвора можност за нови интервенции и содржини, па, наместо да се заштити, тие би влијаеле да се доуништи Водно до ниво на непретпознатливост“, реагира Јанков.

Ова сега што се промовира како Закон за Водно, иницијативата потенцира дека е далеку од оној lex specialis најавуван од градоначалникот Петре Шилегов.

Исто така, Јанков потврдува дека не биле контактирани и консултирани за законските решенија, иако стоеле на располагање за соработка, особено за законот на Водно.

„Не бевме контактирани, ни беше кажани дека ‘ќе бидеме известени со резултатите од работните групи’. Тоа го работи Град Скопје и УНДП. Ние понудивме да учествуваме во законот уште во септември, а веќе шест месеци и повеќе, откако се одржани седум или осум такви средби, ниту сме биле поканети, ниту известени за резултатите од средбите“, вели Јанков од Го Сакам Водно.

Инаку, Парк-шумата Водно периодов беше испосечена за изградба на гасоводната траса. Од Иницијативата побараа одговори од надлежните, бидејќи, како што рекоа, сечата се прави без решение за измени во тек на градба, односно одобрението за сеча на шумата на Водно била издадена врз основа на претходната верзија на трасата.

Истовремено, дивата платформа на Матка повлече големи критики во јавноста. Особено што во изминатиов период институциите ја префрлаа топката. Ниту една институција не успеа да лоцира одговорност за „никнатата“ дивоградба во кањонот Матка, кој е споменик на природата.

Бојан Шашевски