Македонските писатели ги знаат сите свои читатели

Саемот на книга во Македонија е прилично намален во последните десетина години. Домашните писатели за тоа ја обвинуваат технологијата, медиумите и општествениот амбиент.

Информатичарките Марија и Ивана од Саемот на книга излегоа со полни ќеси. Имаат 26 години и велат дека читањето во текот на викендот ги опушта, после секојдневната работа пред екранот.

„Дома речиси и немам компјутер. Задоволна сум од саемот годинава. Се сеќавам дека лани си купив само две книги, а сега еве – многу повеќе. Вообичаено, сакам да читам лесни трилери и романси“, вели Ивана.

„Има избор, но имам забелешка околу цената. Редовно купувам книги од книжарниците и можам да забележам дека ова не се саемски цени, туку регуларни. Малку си играат со нас“, додава Марија.

Саемот на книга оваа година се одржува по 29-ти пат. После подолг период, проширен е на две хали. Во главната хала, сепак, неколку штандови останаа празни, додека комплетно неискористен остана и горниот спрат. Освен малите визуелни промени, во споредбата со минатогодишниот, немаше големи разлики.

„Доаѓам секоја година. Читам трилери и мистерии. Најмногу доаѓам поради попустите. Се трудам месечно да прочитам барем една книга“, вели 24-годишниот Драган.

„Си купив нешто од Ноам Чомски и Умберто Еко. Понудата е истата како и минатата година, само со неколку нови наслови. Саемот го проширија на уште една хала, но издавачите се истите“, коментира Дарко, додека Елена вели дека „дошла да провери што нудат новите македонски автори“.

Најмногу внимание привлекоа поголемите издавачи, но луѓето се собираа и на штандовите со книги за алтернативна медицина и спиритуална помош, како и пред киосците за сендвичи.

Пазар од два милиони

Организаторите и оваа година очекуваат приближно 40.000 посетители. Издавачите, пак, се малку загрижени.

Писателот Жарко Кујунџиски, кој е и главен уредник на издавачката куќа „Антолог“, вели дека денес е многу поразлично одошто пред десетина години, кога саемот го посетувал од другата страна на штандовите. Според него, сега се нуди и некаков концепт, освен што саемот служи само за продажба на книги.

„Полека, скромно, срамежливо, се прават некои чекори во побивањето на стереотипот дека саемот на книги е само книжевен пазар. Потешкотии постојат. Пазарот е ограничен. Дури и земјите слични по големина, како Албанија и Словенија, имаат двојно поголем тираж кога ги купуваат странските авторски права“, вели тој.

Кујунџиски се појави како писател во 2003 година, објави неколку книги и за краток период освои неколку награди. Меѓутоа, објаснува дека не продолжил да се бави исклучиво со пишување, бидејќи сфатил дека процесот на пробивање на пазарот оди бавно без авторските агенции, кои не би ги застапувале македонските книжевници.

Истакнува дека маркетингот е најважниот дел од современата книжевност, и најбргу се пробиваат авторите кои добро се служат со Фејсбук, Инстаграм, или за кои се прават големи рекламни кампањи.

„Публиката го бара она за што слушнала дека е добро. Нешто што е добро рекламирано, што е препорачано. Морам да кажам дека повеќето бараат нешто комерцијално, што и да подразбира тоа, но сметам дека тој млад бран на автори, кој е сè повеќе медиумски активен, се чувствува како промена во македонската книжевност. Кога јас се појавив како писател, немаше многу македонски автори. Камо среќа тогаш да можевме заеднички и ангажирано да настапиме, веројатно побрзо ќе сме променеле некои критериуми“, смета Кујунџиски.

Во Македонија е тешко да се преживее само од пишување. Кујунџиски напоменува дека писателите како Гоце Смилевски или Никола Маџиров се малцинство, а и ним не им е сè така розево. Додава дека на младите и квалитетни македонски автори местото им е во европското семејство, каде постојат проекти и можности да го покажат својот талент.

Какви медиуми, таква книжевност

И покрај тоа што во името го носи називот „меѓународен“, скопскиот саем на книгата пред сè е локален и продажен, смета писателот и професор Владимир Мартиновски.

Според него, и оваа година се појавиле нови имиња и дела, но се забележува падот на целиот општествен амбиент.

„Покрај економскиот фактор, проблем е и малата публика. Живееме во „екранска цивилизација“, во која се намалува бројот на читатели на книги. Можеби е малку претерано, но македонските писатели – речиси ги знаат сите своите читатели. Тоа е некој круг од 2.000 до 3.000 луѓе кои следат што се случува. Пред сè, би рекол дека се работи за криза на вредностите, што е и глобален проблем“, објаснува.

Во недостатокот на критика во масовните медиуми, Мартиновски вели дека пошироката публика е препуштена на интуицијата, личните препораки и интернетот. Според него, загрижувачки е што сè се сервира преку медиумите како вредност.

„Ако се знае дека неделно, за промоција на книги со книжевна вредност, на сите македонски медиуми заедно не се посветува ниту една минута, додека тие исти медиуми секој ден со часови емитуваат сапуници, тоа покажува системски пад на вредноста во културата воопшто. Мене ми е логично дека ако некој кој сака да го гледа новиот филм на Алмодовар или Вендерс е потенцијално и читател на добра литература, а можете да го насетите мојот одговр кога веќе правиме паралела за тоа што се емитува преку медиумите и што се чита“.

Кај нас не постои сериозно истражување за навиките на читање книги. Додека интерните анкети за делата на издавачките куќи покажуваат дека граѓаните читаат по две книги месечно, Мартиновски вели дека слушнал и за поразувачка анкета која вели дека жителите на Македонија читаат две книги, но годишно.

Тој смета дека е потребно сеопфатно истражување, за да се подготви стратегија за вистинска популаризација и подигање на критериумите во книжевноста. Нешто што тој го гледа како тешка битка со новите генерации, чии палци се постојано на екраните.

Политизација на книжевноста?

Мартиновски беше и еден од 56-те писатели кои на почетокот на годинава потпишаа Проглас за заштита на достоинството на македонскиот писател и македонската книжевност. Овој револт пристигна откако одредени дела на автори со критички став кон власта, не влегоа во Годишната програма за финансирање на издавачката дејност од национален интерес на Министерството за култура.

Писателите тврдеа дека тој потег е „вулгарна политизација на книжевноста“, додека од Комисијата на Министерството, која одлучуваше за конкурсот, одговорија дека списокот на автори се „поклопува со членовите, активистите и приврзаниците на конкретни политички партии“.

Во Македонија, како земја во која издаваштвото во голема мера е зависно од државните дотации, книжевниците ова го гледаат како обид за нивно понижување.

„Уметникот треба да биде критичен кон реалноста, кон аномалиите на општеството. Недозволиво е да се игнорираат делата на една млада генерација автори, или издавачки куќи во кои некој уредник можеби јавно изразил критички став. Неприфатливо е буџетските средства да се користат како партиска каса или инструмент за замолчување на уметникот“, вели Мартиновски.

Во Прогласот, авторите дополнително нагласуваат дека „додека нема средства за овие автори, државата има пари за преводи на популарните книжевни дела, што е редок пример за земја која отворено, со јавни пари ја поддржува тривијалноста во книжевноста и тоа се истакнува како образец за книжевна вредност“.

Комплетниот општествен амбиент е веројатно една од причините зошто овој саем на книгата нема долго да остане во сеќавањето на посетителите. Некој дошол поради попуст, некој од љубопитност, а некој само од навика.

Атмосферата можеби најдобро ја опишува саркастичниот коментар на еден од посетителите: „Дојдов на Саем на книгата и најмногу ми се допаднаа плескавиците“.

*Пишува Даниел Евросимоски, за Al Jazeera Balkans