Македонските граѓани се меѓу најнесреќните луѓе во Европа, според извештајот „Среќата во светот 2024“

Македонците се меѓу најнесреќните луѓе во Европа, покажува годишниот Глобален индекс на среќата, во кој Македонија се најде на 84-тото место на извештајот од вкупно 143 држави во светот. Ова, сепак претставува напредок од три места во однос на минатата година.

Од регионот, единствено Албанија е рангирана полошо, односно на 87-то место, а од поширокиот регион, Турција се наоѓа на 98-то место. Во Европа пак, полошо рангирана е единствено Украина, на 105-то место.

Од окружувањето, најдобро се рангирани Словенија (21 место), по што следуваат Косово (29), Србија (37), Хрватска (63), Грција (64), Босна и Херцеговина (65), Црна Гора (76) и Бугарија (81).

Рангирање на индексот

Индексот ги мери субјективните чувства на граѓаните, преку визуелната „Скала на Кантрил“, едноставно прашање за тоа колку тие се чувствуваат среќни и зошто.

Според него, жителите на Финска, Данска и Исланд се најсреќни, додека жителите на Авганистан, Либан и Лесото се најнесреќни.

Извештајот се објавува 12-та година по ред на 20 март – Меѓународниот ден на среќата според Обединетите нации.