Македонците најнесреќни луѓе на Балканот, покажува новиот извештај „Среќата во светот“

Северна Македонија се најде на 89-то место од 146 држави на новиот извештај „Среќата во светот 2022“. Од регионот пак, само едно место подолу е Албанија, но со нашата земја ги делат истите индексни поени.

Во меѓувреме, Бугарија е рангирана на 85-то место, Црна Гора на 75-то, Босна и Херцеговина на 67-мо, Грција на 58-мо, Хрватска на 47-мо место, додека Србија е рангирана на 43-то место.

Најсреќна земја во светот како и изминатите години е Финска, а врвот го дели со Данска, Исланд, Швајцарија и Холандија. На дното на оваа листа пак е Авганистан, а неколку места погоре се Либан, Зимбабве, Руанда, Боцвана и Лесото.

„Оваа година се одбележува 10-годишнината од Светскиот извештај за среќа, кој користи податоци од глобално истражување за да објави како луѓето го оценуваат сопствениот живот во повеќе од 150 земји во светот. Светскиот извештај за среќа 2022 открива силна светлина во темни времиња. Пандемијата донесе не само болка и страдање, туку и зголемување на социјалната поддршка и добронамерност“, пишува во воведните зборови на извештајот.