„Луѓето ги поделивте на сиромашни и иселени“ – Протест против амнестиите пред Собранието

Со пораки „Либерали можеме ли сега да протестираме?“, „Луѓето ги поделивте на сиромашни и иселени“ и „Контејнер за секој пратеник“, група граѓани вечерва протестира пред Собранието на Република Македонија.

Протестот беше најавен од иницијативата „99% Македонија“, а организаторите велат бараат поништување на амнестијата за политички криминалци и ставање крај на расипништвото на политичките и бизнис елити.

„Вашите закони служат за една цел – богатење на политичките и бизнис бандити на штета на сиромашниот народ. Додека 28 години градите споменици и шупливи згради, ги распродавате и последните слободни парцели на градежната мафија; додека дивите депонии неказнето работат, а крупните индустриски гиганти непречено загадуваат; додека лошо ја глумите борбата против рудниците на смртта – ние умираме од загаден воздух и уништена животна средина“, стоеше во повикот за протест.

Протестот е најавено дека ќе трае до 20 часот.