„Луфтанза“ со концерт ќе го промовира новиот албум „Далеку од вистинското нешто“

Домашниот рокенрол состав „Луфтанза“ на 30 март, сабота, во „Станица 26“ ќе го одржи свој прв самостоен концерт, каде ќе го промовира и најновиот албум „Далеку од вистинското нешто“, прв за независниот лабел „Мртов коњ“.

Настанот почнува од 19:30 часот, а гости ќе им бидат „Алембик“. Тие исто како и „Луфтанза“ се дел од растечкиот колектив „Гола Планина“, кој во изминативе години ги здружи младите музички сили и донесе свежина на македонската независна сцена.

„Излупете ги ушите и спремете се чорапите да ви излетаат!“, стои во најавата за настанот.

Два денови претходно, односно на 28 март, официјално ќе излезе албумот „Далеку од вистинското нешто“, па, со цел да се одбележи вечерта на неговото пристигнување меѓу живите, бендот планира да направи и слушачка собиранка во „Котур“.

Додека по концертот во „Станица 26“, бендот заминува на европска турнеја, вклучувајќи локации како Белград, Будимпешта, Краков, Талин, Рига, Вилнус, Варшава, Вроцлав и Љубљана.

Инаку, „Луфтанза“ ја сочинуваат шест другари (Мартин, Лука, Раде, Андреј, Иво и Виктор) кои, со 4 албуми зад себе, неуморно свират и напорно работат во својата неклиматизирана гаража уште од почетокот на пандемијата.

Тие се млад македонски рокенрол бенд со експериментален и агресивен дух, кој спојувајќи ја својата гласност, лутина, љубов и агресија контрираат на жанровските определби, еднодимензионалоста и конформизмот на фабричката еднолична музика.

Потсетуваме и на нашето интервју со нив, правено во 2021 година, што ги отсликува почетоците на „Луфтанза“ и постојаната идеолошка определба, предзнак и на самиот „Гола Планина Колектив“: другарство и музика.

[Интервју] „Луфтанза“: Приказна за другарство и рокенрол

Бојан Шашевски