Немало ширење на заразата по рок-концертот со 5.000 луѓе во Барселона

Здравствените експерти соопштија дека не регистрирале траги на ширење на коронавирусот меѓу луѓето кои беа присутни на рок-концертот одржан во Барселона на кој присуствуваа 5.000 луѓе.

Настанот се одржа на 27-ми март во спортска сала во шпанскиот град, а посетителите мораа да направат брзи тестови на Ковид-19 пред да влезат на концертот и беа обврзани цело време да носат FFP2 заштитни маски. Иако во објектот била зголемена вентилацијата и имало посебен режим за користење на тоалетите и местата каде се служеле пијалаци, сепак немало никаква забрана за одржување физичко растојание меѓу луѓето.

Презентирајќи ги резултатите од научното истражување за тоа дали настани во затворени простории можат безбедно да се организираат, докторот Жозеп Мариа Либре информираше дека генерално концерт во затворен простор со соодветни мерки и вентилација е безбедна активност, пренесе Еуроњуз.

„Нема знаци дека на настанот се случил пренос на вирусот, што беше целта на студијата“, рекол Либре.

Две недели по одржување на концертот меѓу луѓето кои присуствувале на настанот имало шест случаи на Ковид-19. Научниците тврдат дека четири од овие шест случаи не биле заразени за време на концертот, додека за другите две лица нема информации како се заразиле.

На почетокот на март беше организиран уште еден „пробен“ концерт во Холандија со 1,300 посетители.

Во декември истиот научен тим организираше тест проект во сала во Барселона со 500 посетители кои биле тестирани. Неколку дена подоцна никој од присутните не бил заразен со коронавирусот.