Филипче: 8.200 ученици од основните и средните училишта ќе бидат тестирани на Ковид-19

Дел од учениците во македонските основни и средни училишта, во согласност со родителите и по случаен избор, ќе бидат тестирани за присуство на вирусот Ковид-19, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој информираше дека во методологијата се опфатени околу 8.200 деца, пропорционално дистрибуирани по општини според број на ученици. Планирано е скрининот да трае 5 дена и дневно да се тестираат по околу 1.600 деца, во самите училишта каде што мобилни екипи ќе одат на терен и ќе го вршат тестирањето за време на часовите.

„Учениците ќе се бираат по случаен избор од регистарот на Е-дневник, а родителите ќе треба да потпишат согласност за учество на тестирање на децата. Доколку некој од родителите одбие, ќе има заменски примерок од каде ќе се избира следното дете за тестирање“, појасни Филипче.

Тој напомена и дека децата од посебните училишта и училиштата каде просечниот број на ученици во одделение е помал од 10 деца ќе бидат исклучени од овој процес од причина што станува збор за помали рурални места каде учат многу мал процент од сите ученици и во места каде инциденцата на вирусот е многу ниска.