Свирка на „Local Blue“ и групна изложба вечерва во МОФ

Во дворот на Младински образовен форум (МОФ), во склоп на мофовското културно лето „Cult+Alt+Repeat“, вечерва (19.08.) од 19 часот е најавен концерт на „Local Blue“ и групна изложба на дела од шест автори кои се занимаваат со различни ликовни дисциплини, како дигитална илустрација, графички дизајн, сликарство и фотографија.

Ќе може да се видат дела на Гоце Илиевски, Кристијан Новковски, Владимир Илиевски, Виктор Јаневски, Оливер Настески и Симеон Ацевски.

Во однос на „Local Blue“, се работи за инструментарен психоделичен рок состав, кој досега има издадено два албума „Project Blue Beam“ и „2nd Landing“, a дечките објавија и еден снимен во живо – „Live at Kanal 103“.

На своите свирки аудиториумот го носат на уникатно, психоделично, вселенско патување, најчесто импровизирајќи меѓу спејс рок, краутрок, стонер и експериментален рок. Сепак, нивниот звук не може да се категоризира низ секојдневните вибрации и жанрови. Напротив, како што велат, динамиката и текстурата во звукот на „The Local Blue“ претставува цврста основа за креирање недекојдневни и уникатни звуци кои се филтрираат преку кохезивноста на инструменталистите.