Концерт на српскиот рапер Марчело утре во МКЦ

Српскиот музички артист, писател и поет, Марко Шелиќ – Марчело утре (24 февруари) со почеток во 21 часот ќе одржи самостоен концерт во Младински културен центар.

„Марчело е познат по своите ангажирани текстови и екстатичен сценски настап. Како музичар настапува повеќе од дваесет години стекнувајќи репутација на еден од најпознатите регионални хип хоп артисти. Тој ја започнува својата кариера како дел од демо групата ‘Rhyme Animal’ во 1999 година со која бележат успешни настапи по градовите низ Србија. Во ноември 2003 година излегува неговиот деби амбум ‘De Facto’ за издавачката куќа ‘Bassivity Music’ кој станува најбрзо продадениот албум на годината. Истовремено, тоа е и првиот албум по војната во Србија, кој вклучува соработка меѓу новите генерации на музичките артисти од бившите простори како Едо Мајка, Елементал, Шкабо, Шорти, Дисциплинска комисија, Биг Бос и други. Овој албум, кој изобилува со критики насочени кон распаѓањето на општеството, но и лични теми раскажани на неверојатно искрен начин, беше одлично прифатен од публиката и критичарите и му ја донесе на Марчело титулата: гласот на генерацијата“, истакнуваат од МКЦ.

Исто така, потенцираат од таму, Марчело во 2006 година ја доби наградата „Даворин“ за најдобар рок/поп/хип хоп албум од Србија за „Puzzle Shock!“, а во јуни 2009 година регионалната награда „Indexi“ во категоријата најдобар хип хоп албум на годината за „Треча страна медаље“.

На концертот Марчело ќе го промовира својот последен албум „Нојева варка“ со кој ги освои регионалните топ листи и заедно со својот бенд од 10 члена успеа два пати да ја наполни белградската Арена.

Пред настапот, публиката ќе може одблизу да се запознае со артистот и да добие потпишана книга од неговиот последен роман „Малтерего: Рубиков стол“ во издание на македонската издавачка куќа „Антолог“. Книгата ќе може да се набави и дента на специјализираниот штанд за продажба од издавачката куќа.

Билетите за концертот се’ уште се по промотивна цена од 700 денари, додека утре ќе изнесуваат 900 денари. Истите може да се набават на билетарницата на МКЦ или онлајн на линкот www.bileti.mkc.mk.