Бојана Вунтуришевиќ: Мислам дека има сѐ помалку „Љубов“

Српската музичка изведувачка и текстопистка Бојана Вунтуришевиќ, која го сплоти регионов со нејзината песна „Ljubav“, вели дека токму љубовта ѝ е главна и основна инспирација. Таа денес ќе настапи во Скопје, а вечерашниот концерт ќе се одржи во Младинскиот културен центар (МКЦ), во рамки на фестивалот за феминистичка култура „Прво па женско“.

За некои позната како дел од музичкиот состав „Svi na pod“, Вунтуришевиќ во 2017 година почнува своја соло-кариера и ги објавува албумите „Daljine“ (2017) и „Ljubav“ (2023). Со неа поразговаравме за „капиталистичкиот блуз“, музичката педагогија, политички ангажираната уметност и се разбира, за љубовта.

За себе, пејачката вели дека со музика се бави од најрано детство, а потоа завршила музичко училиште и дипломирала на Факултетот за музички уметности во Белград, на Отсекот за музичка педагогија.

„Додека растев музички созревав во бројни бендови, ама секогаш сакав константно да се поврзувам со многу различни луѓе од различни жанрови. Тоа го можев единствено како соло играч, како што сум денес. Сакам максимална слобода и не сакам ограничувања, а ограничувањата секогаш ми беа наметнувани во периодот кога бев дел од разни колективи“, вели таа.

Вунтуришевиќ нагласува дека највеќе ја инспирира и ја движи љубовта кон музиката, вели дека сака да се бави со музика, но и да ја создава и да ја изведува. Ја прашавме како да се подготвиме за вечерашниот настап, па ни откри и што гледа и што слуша.

„Минатата година многу читав. Бев соочена со вишок слободно време кое сакав да го потрошам на што покорисни работи, што подалеку од телефонот. Најголем впечаток ми остави „Мојата борба“ од Карл Ове Кнаусгард. Со него ‘се борев’ четири месеци и се изборив со стравот и одбивноста да прочитам неколку илјади страници за неговата борба собрани во шест тома. Овие денови ја гледам серијата ‘Succession‘, а пред неа ја гледав ‘White lotus‘. Па сега, истовремено ги презирам и ги сакам ‘богаташите’, ова првово малку повеќе, а омилен албум овие денови ми е ‘Red Moon In Venus‘ од Кали Учис’, вели таа.

Музичкиот стил на Бојана Вунтурушевиќ неретко е опишан како женски, индивидуален и пред се, антикапиталистички. Таа објаснува дека одредницата „капиталистички блуз“ која неретко се поврзува со нејзината музика, е кованица на српскиот музички уредник Жикица Симиќ во моментот кога песната „Kese etikete“ била објавена и го видела „светлото на денот“ во 2017 година.

„Песната зборува за конзумеризмот и чувството на самотија со кое сме соочени во капитализмот кој „цвета“ во нашите простори“, вели Вунтурушевиќ.

 

Зборувајќи за песната, пејачката вели дека „противотровот“ против конзумеризмот и самотијата го наоѓа во создавањето, дополнувајќи дека се труди да биде продуктивна и да го развива тој талент кај себе.

„Понекогаш ме освојува вирусот на конзумеризмот, па потклекнувам пред таа болест, ама сѐ помалку и помалку во последно време. Сѐ уште не можам да го дефинирам она што ме оттргнува од трговските центри. Се посматрам и се преслушувам себеси во тие моменти. Не ми е убаво во стомакот, не ми годи светлото, мирисот, па дури ни луѓето. Сѐ повеќе и повеќе го забележувам неквалитетот на ‘парталчињата’ кои ни се нудат за премногу пари, кои понекогаш ги немам, а кога ги имам, сепак одлучувам да ги трошам на нега и внатрешна убавина за себе. Бирам да се чувствувам здраво, чисто и мирно, пред убаво да изгледам“, вели Вунтурушевиќ.

Според пејачката, чии песни се исполнети со општествена критика, не е нужно музиката да биде политички ангажирана, но додава дека таа е политички обликувана личност.

„Пораснав во Србија во деведесеттите каде сите се соочивме со режимот на Милошевиќ. Од политиката не можевме да побегнеме ни како деца. Сликите од војна, убиства, голема сиромаштија, влијаеа на мене, дури од тогаш. Секогаш излегувам на избори. И го покажувам моето (не)задоволство. Тука се борам за подобро утре. Тука и на протестите во Белград. Мојата музика во 99% од случаите зборува за меѓучовечките односи, за љубовта највеќе, ама сакам да ги спомнам и песните ‘Kese etikete‘, ‘Money‘, или ‘Е70‘ која зборува за тоа дека е потребно и здраво Белград и Загреб конечно да се гушнат“, истакнува Вунтурушевиќ.

Со Вунтурушевиќ, освен за нејзината музика поразговаравме и за пишувањето на текстови. Некои од нејзините стихови се испреплетени во песните на Сенида, Наташа Беквалац, Сара Јо и Франка Бателиќ. Таа нагласува дека сака да соработува со најразлични луѓе, не само музичари, туку и со луѓе од различни уметнички области.

„Најомилени ми се драмските уметници, поточно драматурзите, а најточно драматургинките, па оттаму најблиските соработнички ми се драматургинката Миња Богавац и поетесата Маша Сеничиќ, а од скоро и поетесата Радмила Петровиќ, со која соработував на песната ‘Сенида’ на Сенида. Таа песна стана феминистичка химна во Белград“, вели пејачката.

Имајќи образовна позадина во музичка педагогија, Вунтурушевиќ е основач и на детскиот хор „DFHor“, со кого пред еден месец ја објави песната „Сончогледи“. Детскиот хор е основан во 2014 година и претставува прв детски танцов хор во Србија кој изведува хитови од алтернативни музичари.

„Како дипломиран музички педагог бев соочена со традиционалниот образовен систем во Србија, кој воопшто не ми се допадна. Работев како професорка по музичка култура во разни основни и средни училишта и не се снајдов. Затоа пред девет години го основав детскиот хор ‘ДФХор’. На нашиот репертоар се Војко В, ‘Дисциплина Кичме’, ‘Лолобриџида’, Сара Јо.., но и бројни авторски песни. Една од нив е ‘Сончогледи’, која заедно со Радмила Петровиќ ја напишавме по повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром. Работата со деца оплеменува. Работата со деца ме прави подобра личност. Со децата научив поубаво да разговарам. Научив систематичност, убавината и значењето на континуитетот, толеранција“, вели таа.

За крај, ја прашавме и дали има „Љубов“ на Балканот, на што пејачката вели дека се плаши бидејќи ја има сѐ помалку.

„Доаѓам од земја која во моментов е обвиена во црно. Минатата недела се соочивме со две масовни убиства. Едно од тие две масовни убиства го извршило дете, а во двете убиства најголеми жртви беа децата. Годинава досега броеше 19 недели, а пред два дена го имавме седумнаесеттиот фемицид. Само таа тие податоци ги знам за да ви ги кажам. Нема сум од страв и уште поголема тага“, вели Вунтуришевиќ.

Ивана Смилевска