ЛГБТ луѓето во медиумите најчесто се претставени како жртви на насилство

Припадникот на ЛГБТ заедницата во Македонија најчесто е претставен преку медиумите како жртва подложена на жигосување, објект на потсмев и иронија – ова е еден од заклучоците од првото партнерско, регионално и компаративно истражување за медиумското претставување на родовите и сексуалните малцински групи во Македонија, Србија и Црна Гора, кои беа претставени на денешната прес-конференција.

Во проектот, во кој беа вклучени универзитетот Сингидунум од Белград, Факултетот за драмски уметности од Цетиње, Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргиналните заедници од Скопје, како и десетина индивидуални истражувачи од трите земји, се истражуваа медиумските известувања на геј парадите (во Србија и Црна Гора), како и на Неделата на гордоста во Македонија во 2013 и 2014. Целта на истражувањето е промовирање на правата на сексуалните и родовите малцински групи во општеството.

Проф. д-р Јасна Котеска посочи дека само во последниве две години, ЛГБТ заедницата во Македонија е изложена дури на шест организирани јавни напади и насилство. Таа потсети дека ниеден од овие напади досега не е процесиран преку Јавното обвинителство на Република Македонија, иако сите интернационални правни акти од Обединетите Нации до Советот на Европа ја гарантираат рамноправноста на ЛГБТИ лицата во општество.

Славчо Димитров од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници ги претстави првичните квалитативни наоди и претпоставки од истражувањето.

„Претставена преку медиумите во Македонија,  ЛГБТ субкултурата,  врз основа на содржините актуелни во  2013 и 2014 година, повеќе од јасно стои длабоко на маргините на општествениот живот“, рече Димитров.

Истражувањето покажало дека медиумите, во квантитативна смисла, се доминантно и позитивно ориентирани кон информирање за семејните вредности, а случувањата и активизмот во кругот на ЛГБТ културата која официјално не е прифатена е актуелен преку темите за насилството применувано врз претставници на заедницата или активисти за нејзините права.

Ирена Цветковиќ, исто така од Коалицијата, ја претстави квантитативната анализа на неколку дневни весници во 2013 и 2014. Според анализата, забележлив е негативен тренд на застапеност на новинарски написи за Неделата на гордоста во 2014 наспроти 2013,

„Присуството на оваа тема во 2013 година е најмногу забележливо во рубриките хроника, заради насилството кое го одбележа отворањето на првата Недела на гордоста. Следната година таа помина без насилство, но истовремено и без никакво медиумско внимание“, рече Цветковиќ.

Во Србија и во Црна Гора, пак, телевизиите имаат висок степен на униформност во известувањата. Според истражувањето, ЛГБТ заедниците се видени во контекст на неред, закана, хаос. Иако во Србија минутажите за ЛГБТ прилозите се зголемени во 2014, истражувањето покажало дека тие се секогаш врзани за безбедносните и полициските прашања, евентуалните насилства, одошто на самата Парада.