„Лего“ наскоро ќе ги продава првите еколошки коцки

Данската компанија „Лего“ соопшти дека оваа година ќе бидат пуштени во продажба првите лего-коцки направени од пластика добиена од шеќерна трска.

Овие делови на пазарот ќе се појават кон крајот на годината и ќе се продаваат во комплет со останатите коцки и фигури кои ги произведува „Лего“.

Компанијата, која постои 85 години, се обврза до 2030 година се повеќе да употребува одржливи материјали во своето производство, вклучувајќи ги и коцките.

Целта на „Лего“ е да ги замени досегашните суровини кои се базираат на фосилни горива и да употребува пластика од био-суровини. Компанијата информира дека веќе започнале со производство на ботанички елементи и делови, како листови, грмушки и дрвја, направени во целост од пластика од растително потекло.

Пластиката добиена од шеќерна трска е издржлива како и класичната пластика, но ќе може повеќекратно да се рециклира и е стопроцентно биоразградива.