Културните работници до партиите: Бараме современа и слободна култура, која нема да создава поделби

Под мотото „ Слободна култура за слободно општество“, повеќе асоцијации, иницијативи, платформи, организации и поединци, здружено побараа подршка од партиите, за, како што велат, да покажат дека оваа дејност треба да биде еден од клучните столбови во демократизацијата и европеизацијата на општеството.

„Бараме современа, жива и слободна култура, култура која нема да создава поделби, да поттикнува нетрпеливост или пак дискриминација по која било основа. Сакаме слободна култура за слободно општество“, стои во соопштението од независната културна сцена.

Од независната културна сцена бараат од партиите создавање услови за современа, жива и слободна култура, која нема да создава поделби, да поттикнува нетрпеливост или пак дискриминација, по која било основа.

„Гласање на Законот за Јавен интерес во културата во Собранието, спроведување на Националната стратегија за развој на културата, за периодот 2018-2022 година, со план за развој на драмската, музичката, танцовата, меѓународната и други дејности. Формирање фондација за подршка на вонинституционалната културна сцена по примерот таа во Хрватска, формирање нови институции според принципот на јавно – приватно партнерство во Скопје и други општини во земајава. Ревитализација на напуштени објекти во нови простори за работа, формирање Институт за култура и културни политики, кој ќе се бави со истражувања и подршка на уметничката сцена и трансформација на кадровските политики што ќе овозможи непартиски вработувања , туку првенствено професионални кадри во институциите од културата, како и децентрализација и департизација на Министерството за култура“, се дел од барањата упатени до партиите, од кои се очекува да ги реализираат по парламентарните избори.

Барањата ги подготвија иницијативата „Култура е насловна страна на секое општество“, Асоцијацијата на независната културна сцена Јадро, Културно – социјалниот простор „Центар- Јадро“, „Кино Култура“, „Локомотива“, Здружението за афирмација на театарот „ Пресврт“ и 3Г за промоција на женската активност „Тиииик!Инк“- Скопје.