Куќата на Ана Франк ќе се користи за гласање на парламентарните избори во Холандија

Куќата на Ана Франк во Амстердам, односно локацијата каде тинејџерката се криела две години за време на војната, ќе ги отвори вратите за холандските гласачи на 22 ноември, кога во Холандија ќе се одржат парламентарните избори.

Од куќата, која се води како Музеј од 1960 година, вчера, на 3 ноември, посочија дека зданието ќе се претвори во гласачка единица за претстојните парламентарни избори, кои се распишаа по распуштањето на коалицијата од четири партии, односно Владата на премиерот Марк Руте.

„Куќата на Ана Франк е едно од местата кое не потсетува што може да се случи кога демократијата и владеењето на правото исчезнуваат“, беше истакнато во соопштението на Музејот, кој повикува и на поактивно гласање од страна на младите.

Гласачите ќе може бесплатно да го посетат музејот и да го дадат својот глас, додека Музејотна 22 ноември ќе биде затворен за странските посетители, освен во случај на многу ниска излезност.

Локалните градски власти во Амстердам истакнале дека одлуката за претворање на музејот во гласачка единица била на музејската администрација.

Градоначалничката на Амстердам, Фемке Халсема, изјавила дека гласачката единица при Музејот ќе биде посебно обезбедена откако се засилени тензиите поради војната на Израел и Хамас.