Излезноста на изборите до 11 часот e 14,18 отстo

Излезноста на вториот круг од локалните избори до 11 часот е 14,18 отсто од вкупниот број на запишани избирачи во Избирачкиот список за општините каде денеска се гласа. До 11 часот своето право на глас го искористиле 160 035 граѓани, информираше преку прес-конференција претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.

По општини, најголема е излезноста во Ранковце, 38,2 отсто, Вевчани – 31,24, Демир Капија – 30,14 отсто, Пехчево – 28,44 проценти, Конче – 26,74, Демир Хисар -25,19, Кратово – 25,12, Пробиштип – 24,75, Лозово – 23,51, Чашка – 22,73, Зелениково – 21,55, Македонска Каменица – 20,81, Росоман – 20,14, Гевгелија – 19,78, Битола – 19,56 oтсто од запишаните избирачи во Избирачкиот список. Најмала излезност, пак, има во Сарај со 5,19 отсто и во Боговиње со 6,8 проценти од запишаните избирачи.

Даштевски информираше дека на избирачки места во Центар, Карпош и Сарај имало прекин на гласањето подолго од еден час, додека во Чешиново-Облешево и Зелениково, прекинот траел и над три часа.

„Прекини подолги од еден час утрово имало на избирачкото место 2867/1, на 2831 и 2815 во Скопје, потоа во Сарај на избирачките места 2433, 2435 и 2438, на избирачкото место 2652 во Карпош, во Чешиново-Облешево на избирачкото место 0887 и во Зелениково на избирачкото место број 2373, каде прекинот траел повеќе од три часа“, соопшти Даштевски.

Причината за подолгиот прекин, рече тој, била немањето сигнал на уредите за читање на отпечаток од прст при ставањето на смарт – мемориската картичка, но како што уверува претседателот на ДИК, проблемите се надминати.

Според него, причините за прекинот се банални, но одзело време за да се сменат картичките, па затоа на некои места одлучиле да се гласа на класичен начин, а потоа продолжиле со уредите. Даштевски упати апел до граѓаните кои се одвратиле од гласање поради прекинот, да излезат повторно.

„Во цела Македонија работат нормално уредите, немаме други неправилности. Гласањето се одвива нормално“, рече тој.

Во однос на приговорите, ДИК досега прифатила 109 приговори, а 65 се одбиени.

Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи регистрираше два случаи на изборни нерегуларности во Кичево, при што било фотографирано гласачко ливче,а друго било скинато.