КСЗД утврди интерсекциска дискриминација врз бремена работничка

Со мислење од 21 јули, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврдила интерсекциска дискриминација по основ на пол, род и бременост извршена од АД Просветно дело Скопје кон бремена работничка, со непродолжување на нејзиниот договор за вработување заради бременост.

„Комисијата му препорача на АД Просветно дело Скопје во иднина да се воздржува од практики што продуцираат нееднаков третман и дискриминација на вработените по основ на пол, род и бременост при остварувањето на нивните права од работен однос и да ја почитува и применува законски загарантираната заштита од дискриминација по основ на бременост, раѓање и мајчинство“, соопштуваат од КСЗД.

Во конкретниов случај, велат тие, Комисијата утврди дека работодавачот не го докажа ниту оправда непродолжувањето на договорот за вработување на подносителката, односно не докажа ниту приложи писмени, архивирани докази дека постоеле и други објективни причини за непродолжувањето како: намален обем на работата, укинување на работното место, несоодветно и неквалитетно извршување на работните обврски од страна на работничката или нејзино одбивање на понуда за продолжување на договорот но за работа во друга продавница.

„Во исто време, продолжувањето на договорите за работа на другите вработени влева оправдан сомнеж дека единствена причина поради која не бил продолжен нејзиниот договор на вработување е бременоста, што претставува нееднаков третман и повреда на нејзиното право на еднаквост во споредба со другите вработени, односно дискриминација по основ на пол, род и бременост. Ваквото постапување на работодавачот го довел во состојба на ризик нејзиното право да користи платено породилно отсуство, со оглед дека законските прописи налагаат минимум 6-месечен активен работен ангажман како услов за користење на ова право, што е во спротивност со уставните начела, законските прописи и принципите на меѓународните инструменти за заштита на човековите права кои ја гарантираат заштитата од дискриминација по основ на бременост, раѓање и родителство“, стои во соопштението.

Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените на ООН, објаснуваат од Комисијата, во членот 11 ги антиципира обврските на државите-членки да ги преземаат сите погодни мерки заради елиминирање на дискриминацијата на жените во областа на вработувањето, врз основа на рамноправноста на мажите и жените, со цел, меѓу другото да се обезбеди и еднакво право на работа, како неотуѓиво универзално право на секој поединец како и правото на здравствена заштита и заштита при работата, вклучувајќи ја и заштитата на биолошките и репродуктивните функции на жената.

Понатаму ја споменуваат и Европската социјална повелба, која пропишува дека уживањето на социјалните права треба да биде обезбедено без дискриминација по кој било основ од страна на договорните страни, покрај тоа што треба да обезбедат платено породилно отсуство во траење од најмалку 12 недели, да го сметаат за нелегално отпуштањето на жена од страна на работодавач за време на нејзиното породилно отсуство или така што отказниот рок би истекол за време на тоа отсуство.

„Тргнувајќи од фактот дека непродолжувањето на договорите на бремените работнички заради нивната бременост е долготраен системски проблем, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја информира јавноста дека подготвува општа препорака со предлози за подобрување на одредбите од ЗРО. Препораката ќе биде во насока на заштита на бремените работнички, со фокус на работничките со договори на определено време и изнаоѓање ефикасно решение за спречување на злоупотреба на договорите на определено време од страна на работодавачите, како превенција од дискриминација врз основа на пол, род и родов идентитет“, соопштуваат од КСЗД.