Антидискриминаторска комисија со низа предизвици, граѓанскиот сектор бара поддршка за да и се обезбедат услови за работа

Поддршка за работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), како и волја за унапредување на капацитетите на надлежните институции, унапредување на законската рамка и поддршка на Комисијата во надминување на предизвиците со кои се соочува.

Ова се дел од заклучоците од вчерашната онлајн конференција на Мрежата за заштита од дискриминација и новата Антидискриминаторска комисија.

„Како нова институција, КСЗД се соочува и ќе се соочува со бројни предизвици. Клучно е Комисијата да има политичка поддршка за остварување на нејзините цели, властите да ги почитуваат и спроведуваат нејзините мислења и препораки. Независно тело за еднаквост е тело чија работа често нема секогаш да им се допаѓа на властите и политичките пратии, тело кое ќе го спроведува правото, ќе ја критикува работата на институциите и ќе придонесе во нејзиното унапредување“, рече Драгана Дрндаревска од Мрежата и Коалиција МАРГИНИ.

Кире Миловски од Фондацијата Отворено општество – Македонија, потенцира дека Мрежата на граѓански организации преку проектните активности што тие ги поддржуваат, континуирано прави напори за да ја афирмира работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

„Ја развива домашната практика преку обезбедување бесплатна правна помош за граѓаните во случаите на дискриминација, алармира во јавноста и кај креаторите на политиките за настанатите повреди, се застапува за унапредување на заштитните механизми од сите форми на дискриминација. Особено ни се важни и внимаваме да обезбедиме поддршка и правна помош за граѓаните кои се маргинализирани и немоќни самостојно да се справат со дискриминацијата на која се изложени“, вели тој.

Претседателката на Комисијата, Весна Бендевска, истакна дека ги подготвуваат подзаконските акти, протоколите за соработка со клучните партнери, најави воспоставување на аналитичко одделение во рамки на Комисијата. Исто така, изработка на Правилник за донесување на одлуки и потпишување Меморандум за соработка со Мрежата и со останатите клучни актери во областа.

Комисионерот Кире Василев, посочи дека поради законските пречки и недостатоци, КСЗД веќе подолг период се соочува со техничко-административни предизвици, што членовите на Комисијата очекуваат да се разрешат во периодот кој следува, заедно и во соработка со собраниските служби..

Тоа го потврди и комисионерот Игор Јадровски. Приоритет, според Јадровски, е функционалноста на Комисијата преку „обезбедувањето на простории за нејзина работа, екипираност, зголемување на човечките и техничките капацитети, вработувања во стручната служба и креирање на електронска дата-база“, дополнително најавувајќи дека сѐ уште е потребно да се отвори нов оглас за именување на уште еден член на КСЗД.

Тој потенцираше дека е значајно да се има добра соработка со Народниот правобранител, со судовите, со Собранието, со граѓанските организации, со инспкторатите и надлежните министертва.

Генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, потенцираше дека Комисијата мора да добие поголем буџет. Иванова повика на суштинска соработка со Собранието, собраниските работни тела и неформалните интерпарламентарни групи кои работат на унапредување на правата на различни маргинализирани групи, како Роми, ЛГБТИ, лица со попреченост.

„Различностите се потенцијал за развој, а не основ за дискриминација“, потенцираше таа.

Пратеничка Гордана Силјановска- Давкова, претседателка на Комисијата за еднкави можности, истакна дека очекува Комисијата да биде независна, стручна и одлучна во борбата за еднаквост. Таа потенцираше дека Комисијата мора да се посвети на обезбедување на почитување на физичкиот и моралниот итегритет, особено во контекст на ЛГБТИ луѓето, кои во 21 век во нашата држава сѐ уште не можат слободно и без страв да се изразуваат.

„Комисијата треба да работи на својот углед, отчетност и да биде проактивна, а не да постапува само по доставените претставки на граѓаните, туку и по сопствена иницијатива“, изјави Силјановска- Давкова.

Стојан Мишев од Мрежата за заштита од дискриминација и Здружението ЕСЕ, апелираше на обезбедување на јавен пренос на седниците на КСЗД (со почитување и заштита на приватноста и личните податоци), изготвување на стратегии и програми за работа со вклучување на сите чинители, транспарентно работење преку редовно информирање, користење на алатки за едукација на јавноста, промоција на еднаквоста и на својата работа…

За соработката меѓу Собранието и КСЗД, пратеничката и координаторка на ЛГБТИ Интерпарламентарната група, Маја Морачанин, нагласи дека: „Определениот буџет е мал, но потребно е да се делува кога ќе се планира ребаланс, со што би се дало поддршка за зголемување на буџетот на КСЗД“, забележувајќи дека досегашната отвореност за соработка со неформалните групи во Собранието се има покажано како механизам кој носи успешни резултати.

Судијката Хилда Мешкова од Основниот суд Скопје 2, истакна дека потребно обезбедување на поврзување на граѓаните со услугите за бесплатна правна помош од кои тие би можеле да добијат соодветна правна поддршка и застапување во случаите на дискриминација.

„Судот е отворен за соработка понатаму, а сега има можности и за постапување, со оглед на тоа што има мноштво закони кои екплицитно заштитуваат од дискриминација“, изјави Мешкова.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска истакна дека кај нас посебно внимание треба да му се посвети на говорот на омраза, кој е широко распространет, што е директна последица и од непостоењето на судска заштита. Според неа, КСЗД треба да делува превентивно на овие појави, а особено значајно е што новиот состав на Комисијата е сензибилизиран и има знаење за справување со дискриминација.

„КСЗД треба да делува согласно надлежностите, а не да работи само на претставки. Граѓанскиот сектор треба да биде перципиран како партнер, но и коректор и критичар на несоодветниот третман и непостапувањето од страна на властите“, рече таа.

Заменичката Народна правобранителка Васка Бајрамовска Мустафа, истакна дека Омбудскманот ја отвора соработката со КСЗД на повеќе нивоа, во соработката со предметите, во прибирањето на статистичките податоци, унапредувањето на законската рамка, информирањето на јавноста, известувањето кон меѓународните тела за човекови права итн.

Членовите на Комисијата информираа дека ќе започнат со изработка на својата веб-страницата во соработка со ОБСЕ,  додека фејсбук страницата е веќе достапна на овој линк.

Присутните на конференцијата дискутираа и за обврската за спроведување на Законот за спречување и заштита од дискриминација и од страна на секое министерство, преку јакнење на капацитетите на администрацијата, инспекторатите и усогласување на законодавството за заштита и спречување на дискриминацијата.

Еден од клучните заклучоци е и потребата од конечно заживување на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните како клучен механизам кој мора активно да расправа за прашања од областа на (не)дискриминацијата, да донесува заклучоци, да го следи нивното спроведување и да врши надзор над почитувањето на човековите права од страна на извршната власт.