КСЗД: Задолжителното вакцинирање на децата како услов за упис во основните училишта не е дискриминација

Одлучувајќи по претставка на родител за извршена дискриминација врз основа на вакцинален, односно личен статус, денеска Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) соопшти дека задолжителното вакцинирање на децата како услов за упис во основните училишта не претставува дискриминација врз било која основа.

Комисијата донела општа препорака со која се вели дека законите, мерките, препораките и други релевантни акти кои што се во насока на спречување, лекување и контрола на ситуација на епидемиски, ендемични и други болести не претставуваат кршење на правото на приватноста на индивидуата, на неговиот личен и семеен живот и на достоинството и угледот.

Ваквата одлука доаѓа откако родител до КСЗД поднел претставка за дискриминација против општинско основно училиште „Св. Климент Охридски“ од Скопје, откако училиштето одбило да го запише нејзиното дете поради отсуство на потврда дека детето ги примило сите задолжителни вакцини, односно, подносителот на претставката не го вакцинирала своето дете со МРП вакцина.

„Таа цитира медиумски статии во кои од Министерството за образование порачуваат дека ‘ниту едно дете не смее да остане надвор од образовниот систем’ и дека во Уставот е наведено дека основното образование е задолжително. Дополнително, подносителката како аргумент го цитира Годишниот извештај на Народниот правобранител од 2018 година во кој за друг сличен случај се тврди дека е ‘крајно дискриминаторско и спротивно на закон постапувањето на училиштето поради што го одбил уписот во прво одделение поради фактот што детето не било вакцинирано од сите задолжителни вакцини’“, го дообјаснуваат случајот од КСЗД.

Истовремено, тие посочуваат дека подносителот го истакнал фактот дека основното образование е задолжително согласно Законот за основно образование и дека правото на образование е универзално согласно голем број меѓународни документ и договори.

Дополнително, родителот ја истакнал и пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбург во случајот Салвети против Италија, во кој се тврди дека недоброволното вакцинирање е спротивно на членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

„Од училиштето одговорија дека Комисијата за запишување на ученици во прво одделение основана при училиштето, во уписниот период за предметниот настан, одбиле да извршат упис на ученикот врз основа на фактот дека недостасувала потврда за примените задолжителни вакцини. За одлуката веднаш бил известен родителот, по што родителот го известил школото дека е против вакцинација и дека не би го вакцинирала нејзиното дете. Во оваа насока, се нотира дека согласно член 46 став 2 од Законот за основно образование, дете не може да биде запишано без потврда за примени задолжителни вакцини. Увид во работата извршил и Државниот просветен инспекторат и констатирал дека училиштето не постапило спротивно на законските норми“, додаваат од КСЗД.

Оттука, Комисијата смета дека во конкретниот случај нема повреда на правото на еднаквост, односно дека училиштето не извршило дискриминација врз основа на личен статус врз подносителката во однос на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Основното училиште пак, како што додаваат тие постапувало согласно законот, мерките и препораките на надлежните власти кои се во насока на заштита на јавното здравје, додаваат тие.