КСЗД: Мото клуб „Пелистер“ е отворен за сите без разлика на сексуална ориентација или родов идентитет

По донесената одлука на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за извршена директна дискриминација, од „OFF ROAD Клуб „Пелистер“ одговориле дека ќе се постапи по препораката и ќе овозможат пристап за сите љубители на активностите на клубот, без разлика на нивната сексуална ориентација или родов идентитет.

„Комисијата за спречување и заштита од дискриминација по претставка од Хелсиншкиот комитет за човекови права, утврди директна дискриминација во објавата дека во нивниот клуб не може да членуваат припадници на ЛГБТ заедницата изрече препорака. Комисијата издаде препорака да се отстрани дискриминаторската содржина и го задолжи клубот во иднина да дозволува еднаков пристап и членство на сите лица, без оглед на нивната сексуална ориентација или родов идентитет“, велат од КСЗД.

Хелсиншкиот Комитет ја поднесе претставката поради тоа што на 27 јуни, Мото клубот „Пелистер“ споделил објава на својот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ во која е наведено дека лица со различна сексуална ориентација не можат да бидат членови.

„Припадници на лгбт заедницата, не можат да бидат членови на офф роад клуб Пелистер и не се пожелни да присуствуваат на нашите настани. Toa e политика на клубот, донесена едногласно од сите членови и раководство. Нашиот клуб го градиме на правилни човекови вредности, вооснова на Христијанство и Ислам. Со почит офф роад клуб Пелистер“, гласеше објавата.

Од Хелсиншкиот комитет во своето соопштение истакнаа дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дека објавата со ваква содржина и политиката на здружението претставуваат директна дискриминација врз основа на сексуална ориентација согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација.

„Комисијата наведува дека ваквата објава и политиката на клубот се спротивни на Уставот на Република Северна Македонија кој ја гарантира еднаквоста на граѓаните и на Законот за здруженија и фондации кој забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон преземање активности, со кои се повредуваат слободите и правата на други лица. Истиот закон предвидува забрана за работа на организацијата доколку презема вакви активности“, нагласија оттаму.