Критична маса-Скопје на точак#17: Ние сме сообраќај

Последна среда во месецот и уште едно заедничко возење велосипед во Скопје. Критична маса 17 вози по „херојска“ рута ниа Маџари, Ченто и Автокоманда. Групата ќе се собере во 17.30 часот, кај Паркот на езерата во Аеродром.

 Критична маса-Скопје на точак#17: Ние сме сообраќај

„Со Критична маса 17 ќе поврземе делови од градот во кои исто така живеат и работат наши сограѓани и имаат право да сообраќаат на точак, но не се поврзани со велосипедска инфраструктура. Затоа оваа рута ја нарековме херојска. Оние сограѓани од Маџари, Ченто и Автокоманда кои возат точак се секојдневно изложени на ризик поради небезбедните улици за други начини на сообраќај освен моторен“, велат од Критична маса укажувајќи на проблемите со руинирани велосипедски патеки.

„Имаме право на велосипедска мрежа….на велосипедски паркинзи…
Имаме право на „зони 30“ за споделување на улиците со моторен сообраќај, во случај на неможност за изградба на велосипедски патеки или ленти на потесни улици.
Имаме право да стигнеме безбедно до било која точка во градов!
Внимавајте на луѓето на точак и земете не’ предвид!
Точак е возило, а на точак сме сообраќај!“, стои во повикот од Скопје на Точак: Критична маса 17.

Точаците возат по следната рута, а ќе запрат на плоштадот Карпошово востание по што до платото помеѓу Ла Кања и Чифте Амам од 20 часот ќе се проектира документарниот филм „We are traffic“ за почетокот на движењето Критична маса во Сан Франциско пред 20-ина години.