Критична маса 66 во Прилеп: До каде сме со вело-патеките?

Прилеп и понатаму останува единствен поголем град во Македонија кој нема ниту сообраќаен знак за вело – патека, а не пак функционална велосипедска патека, велат од иницијативата ПрилепНаТочак, која утре (27 ноември) од 17:30 часот во Прилеп организира нова велосипедска Критична маса.

Од иницијативата нагласуваат дека е тажна сликата кога се асфалтираат и реконструираат улиците низ градот, а притоа пешаците и велосипедистите се комплетно заборавени.

„Прилеп е град со 0 км велосипедски патеки и тоа е поразителен факт, за чија промена за жал никој нема слух. Во светот се прават велосипедски патеки од рециклирани материјали, соларни велосипедски патеки, вело- патеки кој ја апсорбираат дневната светлина и светат преку ноќ, кај нас сеуште е проблем да се намести обичен сообраќаен знак за велосипедска патека“, соопштуваат од ПрилепНаТочак.


Според иницијативата, прилепчани сакаат да се движат низ градот на велосипед, и во лето и во зима, и стари и млади, постојано се на небезбедните градски улици и тротоари и покрај тоа што никој не води грижа за нив и нивните потреби во сообраќајот.

„Време е за велосипедски патеки во Прилеп, време е за вело-инфраструктура, градот го заслужува тоа“, велат од ПрилепНаТочак.