„Кралицата на танцот“, „Фантастичната тројка“ и „Сестри“ најдобри филмови на 11. „Џифони Македонија“

Норвешкиот филм „Кралицата на танцот“ во режија на Аурора Госе за јуниорите, францускиот „Фантастичната тројка“ на Михаел Дихтер за кадетите и македонскиот „Сестри“ на Дина Дума се најдобри играни филмови според сениорите џифонци на 11. филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“.

Фестивалот кој се одржуваше од 5 октомври официјално заврши вчера во киното „Милениум“ со соопштување на наградите за најдобри филмови.

Најдобар краток филм за сениорите е „Врати се дома безбедно“ на Тамара Дениќ од Германија, додека јуниорите ги избраа „Магијата на Валентина“ на Ан Кристин Жирардо од Холандија и „Марипоза“ на Маурицио Форчела од Италија.

Во категоријата на анимирани филмови за најдобар филм е прогласен „Ана Морфоз“ во режија на Жоао Родригез од Португалија, а најдобар краток филм снимен од ученик е „Средба“ во режија на Анастасија Петровиќ од Србија.

ЕПИК наградата за најдобар филм од млад автор ја доби американскиот „Смрт во Нормандија“ на 13-годишниот Лео Кан, Дамир Мехиќ од Босна и Херцеговина ја доби ЕПИК наградата за автор од Балканот за филмот Going Diaspora, а за најдобар ЕПИК филм е прогласен „Светла“ во режија на Јитка Немикинсова од Чешка.

Јуниорите од работилницата за мјузикл вчера ја изведоа песната This is me од мјузиклот „Најголемиот шоумен“. По тоа имаше проекции сите изработени филмови, цртежи, графички работилници, стрипови, фотографии во текот на фестивалските денови.

Работилниците ги предводеа Роберт Јанкулоски (фотографија), Ладислав Цветковски и Линда Трајкоска (дигитален дизајн), Мартин Чичовски (видео репортажа), Здравко Гиров и Давор Драмиќанин (стрип), Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов (видео во еден кадар) и Филип Лафазановски (едноминутно видео) кои работеа со кадетите и сениорите. Работилниците за јуниори ги водеа Моника Мотеска (ликовна уметност), Лада Шоптрајанова-Петровска (мјузикл) и Предраг Вукосављевиќ (краток филм).

Традиционално беа објавени имињата на дел од џифонците кои ќе ја претставуваат земјава на „Џифони Италија“ идната година.  Михаела Душански, Максим Јосевски, Срна Ѓорѓиевска и Вања Марковиќ се избрани меѓу најактивните учесници на ова издание според традиционалните критериуми.

„Оваа година беше воведена и една новина: во вид на ‘лотарија’ беше извлечено едно име од сите оние што годинава биле домаќини на учесник од странство, а најмногу среќа имаше Билјана Савиќ. Останатите претставници за гостување на фестивалот во Италија и на другите партнерски фестивали ќе бидат избрани
во следните месеци“, рекоа од организацијата.

На годинешното издание учествуваа над 500 млади креативци.

Фото: Џифони Македонија