Косово во следните десет години ќе ги забранува игрите на среќа

Владата на Косово ги усвои измените и на законот за игри на среќа каде е предложена забрана на коцкањето и затворање на сите коцкарници во следните десет години. Ова го објави косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, а ваквиот чекор доаѓа по две убиства, што се случија во две коцкарници минатата недела.

„Ние го спроведуваме барањето на Собранието. Барањето беше Владата да забрани коцкање на период од десет години и сите игри на среќа се забранети,“ рекол Харадинај.

Претходно, со почетокот на 2019 година во Албанија стапи на сила Законот за забрана на коцкање усвоен пред неколку месеци, а со тоа се затворија 4.300 обложувалници во земјата.

Забраната за коцкање не се однесува само на кафулињата со обложувалници, туку и на онлајн коцкање и обложувалници кои досега можеше да се најдат во близина на училишта, а сега ќе бидат дозволени само во хотели со пет ѕвездички и тоа надвор од урбани средини.