Концертна промоција на поетската збирка „Љубавина“ од Ѓоко Здравески

Како дел од OFF програмата на Фестивалот на европската книжевност „BookStar“, вечерва ќе се одржи промоција на најновата поетска збирка „Љубавина“ на Ѓоко Здравески, со почеток во 20 часот, во Менада.

Збирката ќе биде промовирана како своевиден концерт на поезијата, на кој ќе настапуваат: Натали (глас), Цобе (флејта), Вико (гитара) и Ѓоко (глас).

Ракописот „Љубавина“ од Ѓоко Здравески претставува збирка љубовна поезија од седумдесетина страници, поделена во три циклуси. Здравески е роден во 1985 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Пишува поезија, кратка проза и есеи, а најдолго и најпосветено го пишува својот магистерски труд. Има објавено три книги поезија: „Палиндром со две н“ (2010), „Куќичка за птици-преселници“ (2013) и „Љубавина“ (2016). Заедно со уште неколку поети од Србија и од Македонија ја има објавено книгата „Торту кроз прозор“ (поезија, 2010). Преведуван е на десетина европски јазици.

Фестивалот „BookStar“ ќе трае до 11 ноември, а ја има поддршката од Европската Унија, Министерството за култура на Република Македонија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Полска. Логистичката поддршка е на Јавна соба.