Концерт на словачкиот пијанист Рихард Рикон на Есенски музички свечености

На Есенските музички свечености вечерва концерт од 20 часот ќе одржи пијанистот од Словачка, Рихард Рикон. На концертот на Факултетот за музичка уметност Рикон ќе изведе дела од Шопен, Вебер, Лист, Шуберт, Фибих и Дуранд.

Пијанистот, чие гостување се реализира во соработка со Амбасадата на Словачка, утре ќе одржи и работилница со студентите од ФМУ.

Рихард Рикон потекнува од семејство со долгогодишна музичка традиција. Свири на пијано од пет години, а на шест години победил на натпреварот „Барток“.

Дипломирал во 2000 година на Универзитетот за изведувачки уметности во Братислава, а две години се усовршувал и на конзерваториумот „Супериор“ во Париз, каде што ја стекнал и втората диплома од колеџ, во класата на Еуген А. Рубинштајн.

Настапувал со бројни реномирани ансамбли и музичари од Словачка, како и со странски изведувачи.