Концерт на Марко Скиаво и Серџио Маркеџиани во Музеј на Град Скопје

Во петок (7 октомври), во Музејот на Град Скопје со почеток во 20 часот ќе се одржи концерт на дуото пијано Марко Скиаво и Серџио Маркеџиани.

На програмата се Шубертовата „Фантазија“ и Унгарските танци 1-21 од Брамс.

Двајцата уметници, секој посебно, имаат големи солистички кариери, но исто така, како дуо тие ја освоиле публиката на најпрестижните музички центри како Карнеги Хол во Њујорк, Концертхаус и Музикферајн во Виена, Берлинаска Филхармонија, Бетовеновата куќа во Бон, Дворжак Хол во Прага, Солис Театар во Монтевидео, но и познатите сали на Париз, Москва, Цирих, Сао Паоло, Вашингтон, Мексико Сити, Астана, Банкок, Хонг Конг, Сингапур и други.