Комисијата за заразни болести и министерот Филипче бараат нови мерки за Тетово и регионот поради Ковид-19

Комисијата за заразни болести (КЗБ) и министерот за здравство Венко Филипче до Владата ќе предложат нови мерки за Тетово и регионот со цел да се се спречи рапидното ширење на коронавирусот, информираат од Министерството за здравство (МЗ).

Тие предлагаат забрана за одржување на сите масовни настани на затворено, свадби, прослави, исполнетост на затворениот дел од угостителските објекти да не надминува на 30%, а на масите да не смеат да седат повеќе од 4 лица.

Истовремено, тие предлагаат и засилени контроли за спроведување на овие мерки, но и за мерките за лична заштита, односно носење маски на затворено, како и засилување на теренската вакцинација и комуникација на локално ниво, со цел зголемување на опфатот.

„Состојбата во Тетово е крајно сериозна и новиот бран е веќе пристигнат, а тоа беше за очекување бидејќи состојбата е слична секаде во регионот. Летните одмори донесоа голема фреквенција на движење и тоа беше очекувано, оттука мора да се вратат одредени мерки на сила за да се спречи поголемо ширење на вирусот“, стои во соопштението на МЗ.

Оттаму велат дека анализите кои биле изработени од Институтот за јавно здравје укажуваат дека вирусот пред се, се шири кај невакцинираните, односно над 90% од новите случаи се невакцинирани граѓани. Од друга страна пак, укажуваат дека опфатот со вакцинација во Тетово е под 20 отсто.

Инаку, вкупниот број на активни случаи во земјава изнесува 1.268 лица, додека во Тетово бројот на активни лица е 379.