[Колумна] Студентскиот пленум мора да победи!

Зошто Студентскиот пленум ќе победи? Затоа што јас верувам тоа ќе се случи. Толку е едноставно што дури  се чудам зошто стоиме во„статус кво“. Знам дека причината е поради стравот. Стравот од губење на работата, стравот од губење на место во студентски дом, стравот да не ти се смеат луѓето околу тебе затоа што се бориш за вистината.

Ви се обраќам на сите студенти. Луѓе, до кога бре вака, сами гледате дека оваа работа не оди, дека не ја бива. Смачено ми е од лицемерие и од оние што прават лице пред другите, но кога ќе дојде време за протест ќе ви кажат „Јас не одам. Може да ме заокружат и после да имам проблеми“. А ги има многу!

Не другар, ти допрва ќе имаш проблеми. Прво ќе имаш проблеми кога ќе завршиш со студиите,  тогашќе видиме што ќе правиш. Или, знам, ќе ми речеш дека ќе заминеш во странство.Тогаш јас ќе бидам тој што прашува каде е патриотот кој мене ме навредуваше дека сум предавник бидејќи имам различно мислење од неговото. И ќе ти кажам дека вистинскиот патриот ќе остане тука и ќе бори за својата татковина, како што јас се обидувам да го направам тоа.

Испитот одложен и завршена работа нели? Сите среќни и задоволни се враќаме назад на факултет со образовна програма која служи за градење на роботи и машинерија која политичките партии со задоволство ја користат.

Се враќаме во нашите студентски домови кои повеќе личат на штали за коњи отколку домови за студенти. Мензи со најразовидна храна, од варен компир па се до компир манџа со специјални зачини наречени лебарки. Ако имаме среќа може да ни се погоди соба со различни габи, па така ќе имаме храна – нонстоп, додека се тушираме со ладна вода.

Реновирање на Гоце, бесплатен превоз за студентите, најава за нови студентски домови. Одлично нели? Нашиот премиер се опаметил, станал добар, почнал да се грижи за нас.  Стварно ли верувате во ова, или знаете дека ова е резултат на нешто друго. Постојаните протести изминатава година мислите ли дека беа залудни, дека за џабе протестиравме.

Не колега/шке, ова е резултат на појавата на студентите на улиците и студентското движење. Присуството на студентите по улиците мината година доведе до овие настани.

Во Македонија има многу работи што не се добри, не е само образовниот систем нефункционален, има многу други работи што треба да се менуваат, а кои само ние студентите може да ги смениме. Ние студентите имаме  моќ со која оваа држава може да направиме  подобро место за живеење, да и донесеме вистинска слобода. Ако нашите родители тоа не го сториле за нас, ние можеме да го направиме за нашите деца и внуци.

Стравот од партијата на власт ви дава  најразлични оправдувања. Ако ситуацијата продолжи вака како што е сега, дури и оваа работа што сега ја имате ќе ви биде џабе.

Верувајте во себе дека можете да му се спротиставите наовој режим кој не загушува. Излезете на протест. Говорете гласно за проблемите. Барајте го она што ви припаѓа. Бидете пленумци. Ангажирајте се. И тогаш ќе видите дека чуда ќе почнат да никнуваат како семе посеано во нива.

Дејан Митев, Студентски пленум