Климатските рекорди ја водат планетата кон непозната територија, алармираат научниците

Серијата на температурни рекорди, загревањето на океаните и морскиот мраз на Антарктикот ги алармираше научниците, кои велат дека нивната брзина и тајминг е нешто што досега не било забележано во историјата.

Од Обединетите нации, пак, велат дека опасните топлотни бранови во Европа можат да срушат нови рекорди во следниот период.

Тешко е веднаш да се поврзат овие климатски настани со климатките промени, бидејќи времето и океаните се многу комплексни. Веќе се прават студии, но научниците веќе стравуваат дека некои од најлошите сценарија се во тек, пишува Би-Би-Си.

„Не сум свесен за друг сличен период, кога делови од климатскиот систем биле во територија на абнормалност или рушење рекорди“, вели Томас Смит, еколошки географ од Лондонската школа за економија.

„Планетата е во непозната тероторија, поради глобалното загревање од согорувањето фосилни горива, како и жештината од првиот Ел Нињо – природниот временски систем кој се загрева од 2018 година“, додава климатскиот научник д-р Пауло Чепи, од Кралскиот колеџ во Лондон.

Ова лето веќе беа срушени четири климатски рекорди – најтоплиот ден во историјата, најтоплиот јуни кој досега е измерен глобално, екстремни водени топлотни бранови и рекордно ниско ниво на морски мраз на Антарктикот.

Светот го доживеа најтоплиот ден досега регистриран во јули, со што беше срушен рекордот од 2016 година. Просечната глобална температура достигна 17 целзиусови степени за првпат, откако беа забележани 17,08 степени на 6 јули според сервисот за климатски мониторинг на Европската Унија „Коперникус“.

Причина за ваквиот тренд се константните емисии од согорувањето на фосилни горива како нафта, јаглен и гас.

„Токму тоа беше предвидувано дека ќе се случи во свет кој се загрева со повеќе стакленички гасови. Луѓето се 100% одговорни за овој нагорен тренд“, вели климатската научничка д-р Фредерике Ото, од Кралскиот колеџ во Лондон.

Дополнително просечните глобални температури за јуни оваа година се 1,47 степени повисоки од типичен јуни во пред-индустриската ера. Токму со индустриската револуција, која започнува околу 1800 година луѓето почнуваат да испуштаат стакленички гасови во атмосферата.

„Моделите од 1990-тите го предвидоа ова што се случува денес. Но ќе биде многу тешко да утврдиме точно како ќе изгледаат следните 10 години . Сепак, ситуацијата нема да се смирува“, објаснува Смит.

Уште еден голем проблем е површината под морски мраз на Анктарктикот, која е на рекордно ниско ниво во јули. Површина која е 10 пати поголема од Велика Британија недостасува споредено со просекот од периодот 1981-2010 година. Научниците сега проучуваат како овој феномен е поврзан со климатските промени.

Свет кој се затоплува би го намалил нивото на анктарктичкиот мраз, но моменталното драматично намалување може да биде поврзано и со локалните временски услови и океански струења, објаснува д-р Каролин Холмс од Британскиот истражувачки центар за Анктарктик. Таа потенцира дека не само што рекордите се срушени, туку разликите се огромни.

„Ова е ништо налик на тоа што претходно се случувало во јули. 10% е помалку од претходното најниско ниво, што е огромна разлика. Ова е уште еден знак дека ние навистина не ја разбираме брзината на овие промени“, вели Холмс.

Научниците и досега веруваа дека глобалното загревање ќе влијае врз морскиот мраз на Анктарктикот, но до 2015 година успеваше да го избегне глобалниот тренд кој го имаа другите океани.

„Можете да кажете дека сме паднале во провалија, но не знаеме што е на дното на провалијата“, вели Холмс.

„Мислам дека ова не има изненадено од аспект на брзината со која се случува. Ова дефинитивно не е најдоброто можно сценарио кое сме го разгледувале. Изгледа многу поблиску до најлошото сценарио“, додава таа.