Екстремните жештини спржиле милијарди живи школки на плажите на Канада

Екстремниот топлотен бран кој ја зафати Британска Колумбија минатава недела е виновен за масовно изумирање на огромен број мекотели и морски животни кои живеат на плажите на Западна Канада.

Професорот Кристофер Харли, кој предава зоологија на Универзитетот на Британска Колумбија, вели дека нашол огромен број мртви школки кои гниеле на плажата во близина на неговиот дом во Ванкувер, пренесе Си-Ен-Ен.

Харли ги проучува ефектите од климатските промени врз екологијата на каменестите крајбрежја каде живеат школките, морските ѕвезди, па сакал да провери како тие се справувале со рекордните жештини кои ја зафатија земјата во периодот од 26 до 28 јуни.

„Можев да ја намирисам плажата пред да стигнам до неа, бидејќи таму веќе имаше голем број мртви животни од претходниот ден кој не беше најтоплиот од трите. Беше катастрофа. Таму постоеше огромна линија на школки кои се наоѓаа покрај брегот и најголем број од нив беа мртви“, објаснува Харли.

Школките се прикачуваат на карпи и други камени површини и на тој начин се изложуваат на воздух и светлина во моментите на ниски плими. Сепак, според Харли, тие тешко преживуваат температури повисоки од 38 степени целзиусови подолго време.

Измерената температура во Ванкувер на 28-ми јуни беше дури 39 степени целзиусови, а на плажите било уште пожешко. Харли и неговите студенти со помош на термални камери измериле дека на површината на плажите температурата достигнувала и до 52 степени. Во овој период од годината, ниската плима се случува во најтоплите делови од денот во тоа подрачје, па животните не можат да ја издржат жештината додека повторно надојде плимата за да ги врати во водата.

Климатските научници овој топлотен бран го карактеризираа како без преседан, но предупредуваат дека климатските промени ваквите ситуации ќе ги направат почести и посилни.

Харли вели дека жештината можеби убила и до милијарда школки и други морски животни во Салишкото Море.

„Крајбрежјето на Морето е некои 6000 километри, па кога ќе почнете да пресметувате од тоа што го гледате локално доаѓате до големи цифри, многу брзо“, рекол тој.

„Она што ме загрижува е што ако почнеме да доживуваме вакви топлотни бранови секои 10, наместо на секои 1.000 години тогаш екосистемот ќе изгледа многу, многу поразлично“, додава Харли.