Коалите станаа загрозен вид во Австралија

Австралија ги стави коалите на листата на загрозени животни во најголемиот дел од источниот дел на територијата по драматичното намалување на нивната бројка.

Торбарите кои некогаш го преплавуваа овој континент се истребуваат поради сечата на шумите, пожарите, сушата, разни болести и други закани.

Федералната власт соопшти дека загрозениот статус се однесува на Квинсленд, Нов Јужен Велс и Австралиската главна територија, пренесе Би-Би-Си.

Тие повикаа и да се даде повеќе внимание на заштита на коалите од брзото губење на нивните живеалишта и климатските промени.

Овој животински вид досега беше категоризиран како „ранлив“ во овие територии, статус кој го доби во 2012 година.

Минатата година истражување покажа дека коалите можат целосно да исчезнат до 2050 година доколку не бидат преземени соодветни активности. Се проценува дека во големите шумски пожари во 2019-2020 година умреле 5.000 коали и биле опфатени дури 24% од нивните живеалишта во Нов Јужен Велс.

„Коалите стигнаа од тоа да не бидат на листата, преку ранлив до загрозен вид за една деценија. Ова е шокантно брзо намалување. Денешната одлука е добредојдена, но нема да го спречи правецот по кој коалите се тргнати кон истребување ако не е придружена со построги закони и иницијативи на сопствениците на имоти да ги заштитат шумските домови“, вели конзерваторскиот експерт Стјуарт Бланч од Светскиот фонд на природата – Австралија.

Научниците предупредуваат дека климатските промени само ќе ги влошуваат шумските пожари и сушите, а со тоа ќе се намалува квалитетот на еукалиптусот, кој е основна храна на коалите.