Кина го усвои контроверзниот закон за безбедност во Хонг Конг

Кина формално го усвои контроверзниот закон за безбедност со кои се овозможуваат дополнителни овластувања врз Хонг Конг со стравувања дека ќе се нарушат слободите на граѓаните на овој град-држава под кинеска власт.

Со законот се криминализира сецесијата, субверзивни активности и соработка со странски сили, но истовремено се става забрана на протести и слобода на говорот.

Потегот доаѓа по зголемените немири и ширењето на продемократското движење во Хонг Конг.

Продемократската организација Демосисто реагираше на веста со запирање на сите нивни активности. Претходно, Џошуа Вонг, еден од најпознатите активисти од Хонг Конг, изјави дека ја напушта организацијата која ја предводеше.

Сепак повеќе други долгогодишни активисти изјавија дека ќе присуствуваат на масовниот марш во среда и покрај ризикот да бидат уапсени според новиот закон.

Кинеската државна новинска агенција „Синхуа“, потврди дека претседателот Кси Џинпинг го потпишал законот. Тој е додаден на основниот закон на Хонг Конг, мини-уставот на провинцијата чиј суверенитет во 1997 година беше вратен од Велика Британија на Кина.

Европската Унија изрази загриженост по носењето на новиот закон.

„Со усвојувањето на новиот закон се ризикува да се наруши високото ниво на автономија на Хонг Конг, кое би имало штетен ефект на независноста на судството и владеењето на правото. Ја осудуваме оваа одлука“, изјави Шарл Мишел, претседателот на Европскиот Совет.

На законот се гледа како на значајно нарушување на британскиот стил на владеење на правото кое беше на сила во Хонг Конг под рамката „една држава, два системи“.

Усвојувањето на законот истовремено ќе овозможи на централната власт во Пекинг да отвори канцеларија за национална безбедност во Хонг Конг која ќе собира и анализира разузнувачки информации и ќе се справува со кривичните процеси поврзани со националната безбедност.