Кавадарчани утре организираат собир за спас на Градскиот парк

„Ве покануваме на првиот граѓански собир за подигање на еко свеста и борба против урбаната мафија и сите неправедности во нашето општество“, соопштува Иницијативата за спас на Градскиот парк во Кавадарци.

Собирот ќе се одржи утре во 17 часот пред општинската зграда на градскиот плоштад. Потоа насобраните граѓани ќе продолжат кон градскиот парк, пред просторот кој, како што велат, е претворен во градежна зона.

„Ве замолуваме за масовност и голема поддршка. Напоменуваме дека ова е надпартиски граѓански собир“, стои во најавата за собирот.

Претходно од иницијавата и од еколошкото друштво „Еко-живот“ на неколку пати реагираа за исечени децениски дрвја, претпознатливи за овој дел од градот. Постојано реагираат и за најавената урбанизација кај Градскиот парк.

„Сведоци сме на никнување на станбени згради и пристапни патишта до истите, со чија што градба трајно се уништува зеленилото и се нарушува мирот и спокојството на граѓаните кои ги користат благодетите на Градскиот парк. Сакаме да им порачаме на градските власти, дека ваквата тенденција не смее да продолжи, Градскиот парк не треба да биде градежна зона, туку катче за рекреација, бели дробови на градот, односно да ја задржи својата првобитна намена и цел“, рекоа од иницијативата.

Активистите предупредуваат дека со уништувањето на паркот, како природен филтер за чист воздух, само ќе се зголеми загадувањето и стапката на канцерогени и респираторни заболувања кај граѓаните.

Градоналачалникот на Кавадарци, Митко Јанчев рече дека се залага против „напади“ од урбанистички карактер, но истовремено потенцираше дека немало можност овој процес да се врати назад.

„Овој ГУП и ДУП во делот на градбата кај споменикот на Ќиро Крстев и навлегувањето делумно во паркот е донесено во 2013 година. Јас како градоначалник, како општина и советот немаме можност да донесеме решение за укинување на ДУП или ГУП кога има издадено дозволи за градба. Инвестирано е во објекти и направена е инфраструктура. Инвестицијата тука воопшто не е занемарлива. Можеме како општина за во иднина на сите зелени површини да им ставиме граница, односно минимална граница и ја загарантираме таа граница“, рече Јанчев.

Според него, веќе 15 години на спорниот дел траат и се завршени сите постапки на купување, планирање на урбани и комунални изведби. Односно, како што рече, запазени се процедурите на јавна расправа и анкета, се до донесувањето на ДУП каде се предвидени 5 маркици за изградба: П+3 објекти за домување во индивидиални куќи и трговски комерцијален центар (дуќани, пошта и други комерцијални објекти), кои се наоѓаат во средишниот дел на овој урбан објект, каде сега е пробиена и тампонирана една сообраќајница што би го поврзувала овој дел со градот.