Граѓанска иницијатива за спас на Градскиот парк во Кавадарци

Самоиницијативна група граѓани од Кавадарци повикува на зачувување на Градскиот парк, на кој, според нив, му се заканува трајно уништување преку градежни активности.

Тие преку објави на својата Фејсбук страница ги повикуваат сограѓаните на поддршка, а градските власти на слух, за заштита паркот за кој велат дека е најубавиот дел на градот за рекреација и дишење чист воздух на граѓаните од Кавадарци.

ФОТО: @gradskiparkkavadarci на Фејсбук

„Сведоци сме на никнување на станбени згради и пристапни патишта до истите, со чија што градба трајно се уништува зеленилото и се нарушува мирот и спокојството на граѓаните кои ги користат благодетите на Градскиот парк. Сакаме да им порачаме на градските власти, дека ваквата тенденција не смее да продолжи, Градскиот парк не треба да биде градежна зона, туку катче за рекреација, бели дробови на градот, односно да ја задржи својата првобитна намена и цел.

Активистите предупредуваат дека со уништувањето на паркот, како природен филтер за чист воздух, само ќе се зголеми загадувањето и стапката на канцерогени и респираторни заболувања кај граѓаните.

„Дали ова значи – живејте во Кавадарци и зголемете си ги шансите за заболување од рак, или иселете се и зголемете си ги шансите за живот?“, порачуваат тие.

Фејсбук групата, која е покрената минатата недела, веќе ја следат преку 1.200 корисници на социјалната мрежа.