Каевски: Суспензија за раководител од АМС и нова комисија да ја утврдува работата на комисијата

Дополнително ќе се формира трочлена комисија која ќе ја утврдува работата на комисијата. Ќе се види кој го злоупотребил моето име што е ставено како „уредник“ (во збирката поезија н.з.) и Агенцијата за млади и спорт како „издавач“. Јас бев информиран кога излезе во печат, кога тиражот се пушти кон дистрибуирање кон јавноста. Tогаш ја добив книгата и увидов дека сум и уредник, а не сум требал да бидам уредник според Законот за издавачка дејност, рече денес директорот на АМС, Дарко Каевски во однос на скандалот со збирката поезија од проектот „Млади поети“.

Јавноста веќе бурно реагираше на збирката каде прочита две песни „богати“ со сексизам и дискриминација. Реагираа и бараа одговорност и повеќе организации, а Каевски на прес-конференцијата потврди дека ќе биде суспендиран раководител на АМС, дел од секторот „млади“. Истовремено, како одговорни за случајот го впери прстот и кон Стручната комисија за „Млади поети“.

„Со решението од 18.12.2017 година, Комисијата имала обврска да изврши селекција на пристигнатите творби и да постапи совесно, стручно и непристрасно, како и согласно позитивните законски прописи на РМ. Одговорноста за направениот избор и за содржината на збирката ‘Млади поети’ ја носат нејзините членови. АМС ќе поведе постапка и ќе формира Комисија за утврдување одговорност на ангажираните членови на стручната комисија, и притоа ќе бара од комисијата да ја надомести штетата во целост“, рече Каевски.

„Комисијата ги разгледала, ги пратила до издавачката куќа ‘Арс Ламина’, но секако затоа тука следи дисциплинската, постапката за суспензија на одговорното лице, бидејќи постојат недоразбирања во комуникација меѓу раководното лице од АМС, секако и ‘Арс Ламина’, меѓу нивната комуникација“, нагласи Каевски пред новинарите.

Дали сето тоа било намерно или ненамерно, дополнително ќе се утврдува, вели тој, притоа „да се најдат виновниците за недоразбирањето и како се испечати збирка без да биде прочистен текст“.

Директорот потврди дека МВР покренала иницијатива за крадење на идентитетот на одредено лице. Според него, ова лице во неколку јавни излагања веќе потврдил што направил.

Од денешната прес-конференција на Дарко Каевски

Во однос на новинарското прашање за професионалноста на АМС како потписник на оваа збирка, Каевски рече дека Агенцијата не е издавач.

„Според Законот за издавачка дејност како Агенција не можеме да бидеме издавач, ниту јас уредник. Во Законот јасно стои кој и како може да биде уредник, извадач, притоа да има рецензент, лектор и уште неколку работи што треба да постојат, со број од Националната библиотека“, рече тој.

Во однос на тоа дали ќе поднесе оставка, повтори дека „чувствува морална, а уште повеќе професионална одговорност за да го расветлат случајот докрај и во целост“.

Од аспект на финансии, за проектот беа издвоени 150.000 денари. Збирката, пак, беше испечатена во 5.000 примероци, што е многу повеќе од тираж од 500 примероци на некои од најпознатите македонски поети.

„Во минатите години тиражот беше уште поголем – 10.000 примероци во 2016, во 2017 е 6.000, а ние одлучивме да го намалиме на 5.000. Да не бидеме ригорозни во намалувањето, чекор по чекор да се намалува, бидејќи, како што беше речено, можеби не е голема потребата да биде во толкав тираж. Минатите години средствата биле поголеми. Конретно не знам (колку биле потрошени н.з.), но оваа година потрошивме најмалку за издавање, соодветно помалиот тираж“, рече Каевски.

Инаку, членовите на Комисијата вчера со заедничка реакција се оградија од скнадалозната содржина во збирката. Тврдеа дека никој од нив не бил консултиран кои песни да влезат во изборот на книгата.

„Од страна на Агенцијата, на комисијата во состав: Јовица ИвановскиНиколина Андова Шопова и Тихомир Јанчовски, ѝ беа предадени авторски дела, потпишани со шифра. Комисијата нема увид во идентитетот на авторите. Комисијата ги разгледа делата и направи избор на песни за прва, втора и трета награда. Дополнително, пред неполн месец, беше побарано да напишеме предговор за книгата во кој даловме општ осврт за повеќето од пристигнатите песни. Комисијата немаше обврска да прави селекција на пристигнатите песни за книгата, па со оглед на тоа што од песните што ни беа дадени на разгледување, некаде околу 80, се објавени само 44 песни, сепак некој направил селекција“, реагираа од Комисијата.

Б.Ш.
Фото: Агенција за млади и спорт