Нова тура реакции за случајот со збирката поезија „Млади поети“

Членовите на Комисијата за конкурсот „Млади поети“ на Агенцијата за млади и спорт (АМС) се оградуваат од скандалозната содржина во збирката поезија и тврдат дека никој од нив не бил консултиран кои песни ќе бидат објавени.

„Од страна на Агенцијата, на комисијата во состав: Јовица Ивановски, Николина Андова Шопова и Тихомир Јанчовски, ѝ беа предадени авторски дела, потпишани со шифра. Комисијата нема увид во идентитетот на авторите. Комисијата ги разгледа делата и направи избор на песни за прва, втора и трета награда“, реагира Комисијата.

Дополнително, пред неполн месец, велат тие, било побарано да напишат предговор за книгата во кој дале општ осврт за повеќето од пристигнатите песни. Тврдат дека Комисијата немала обврска да прави селекција на пристигнатите песни за книгата, па со оглед на тоа што од песните што ни им биле дадени на разгледување, некаде околу 80, се објавени само 44 песни, сепак, нагласуваат тие, некој направил селекција.

„Притоа, никој од нас не беше консултиран кои песни да влезат во изборот за книгата, а кои не. Решението што на прес конференцијата го прочита директорот на Агенцијата за млади и спорт, нам, никој, во ниту една прилика, не ни го презентираше или достави. Како жири комисија, уште еднаш се оградуваме од скандалозните содржини вклучени во збирката“, стои во реакцијата.

За случајот денес реагираше Комисијата за заштита од дискриминација, осудувајќи ги содржините, но постапката на Агенцијата за млади и спорт, Стручната комисија, како и авторот на вознемирувачките и дискриминаторски содржини.

„Содржините кои се објавени од уредникот Дарко Каевски и воедно финансирани од Агенцијата за млади и спорт содржат елементи на дискриминација по основ на етничка, верска и родова припадност“, сооопштува Комисијата.

Понатаму, велат тие, ова тело му порачало на директорот Каевски да ги повлече песните од употреба, но и да се внимава во иднина да не се објавуваат вакви содржини. Комисијата исто така и предлага на Стручната комисија да внимава при понатамошните евалуации за соодветни збирки и нивните содржини.

Реагираа и од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ). Сметаат дека поддршката за талентираните млади поети и успешни млади луѓе во различните области се важен дел од работата на АМС, а четиригодишната традиција на проектот „Млади поети“ игра важна улога за доближување на литературата кон младите. За жал, велат тие, овогодинешното издание не ги доближи младите до поезијата, ниту пак е добар пример за тоа како треба да  изгледа соодветната и сеопфатната имплементација на овој проект.

„Сметаме дека е неприфатливо публикувањето на поезија која содржи груб говор на омраза (казнив по Член 319 од Кривичен законик на Република Македонија), од државен орган, а промивира шовинизам, сексизам и навредлива содржина за голем дел од граѓаните на оваа држава. Ваквиот чин треба да биде осуден од сите активни чинители во Република Македонија и истиот да биде сфатен како индикатор за потребата од сензитивизирање кон говорот на омраза“, реагираше НМСМ.

Понатаму, потенцираат дека содржините на песните „Партиски вработена“ и „Моите соседи“ директно ја прекршуваат Европската конвенција на човековите права, па ја поздравуваат одлуката на АМС за прекин на понатамошната дистрибуција. Дополнително, бараат институционална и индивидуална одговорност од сите надлежни во имплементацијата на „Млади поети“, но и јавно објавување на сите инволвирани во креирање на публикацијата.

„И покрај немилите околности, како НМСМ сме охрабрени што се повеќе млади бараат отчетност и препознаваат говор на омраза барајќи политика на нула-толераниција кон истиот“, велат од НМСМ.

За случајот со сексзимот и дискриминацијата во збирката, низ социјалните мрежи од граѓани, организации и партии се појавија повици за оставка на директорот Каевски, кој е запишан како „уредник“ на годишната „Млади поети“.

Околу евентуално разрешување, Владата денес рече дека моментално „бара гаранции дека АМС нема да ја повтори грешката“.

„Владата ја повикува Агенцијата да го расветли случајот до крај, да ја идентификува одговорноста, да ја санира штетата и да гарантира дека нема да се повтори грешката. Македонија е отворено, слободно, едно општество за сите во кое нема место за таков тип недолична комуникација“, рече портпаролот на Владата, додавајќи дека го осудуваат говорот на омраза и дискриминацијата во збирката.

Инаку, во самата збирка, под двете спорни песни е запишано името на Даниел Пиљаковски. Меѓутоа, Александар Блажевски од село Јанковец, Ресенско, потврди дека тој е вистинскиот автор. Математичарот сакал некаде да бидат објавени неговите песни, па аплицирал на конкурсот. Сепак, проблем било што возрасната граница била условена до 29 години, па се пријавил под име на Пиљаковски.

„Му кажав на Даниел дека ќе аплицирам од негово име бидејќи јас имам над 40 години. Сакав моите песни да излезат на виделина и да бидат прочитани. Ако има некаква правна основа да се реагира, јас стојам целосно зад секој напишан збор и ја преземам целата одговорност“, рече  Блажевски за „Независен весник“.

Пиљаковски, пак, потврди дека не пишува поезија и „ниту знае два збора да сврзе“.