ЈСП-Скопје оспособиле уште 45 локации за надополнување на „Скопска“ покрај билетарниците

Од Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје информираат дека заклучно со денеска, до 12 часот, оспособиле дополнителни 45 апарати од Интегрираниот тарифен систем во секундарната продажна мрежа за надополнување на картичките „Скопска“.

Тоа значи дека освен во 32 билетарници на ЈСП Скопје, корисниците ќе можат да ги надополнат своите електронски билети и на уште 45 локации (маркети, трафики и слично) на најфрекфентните места низ градот/општините. Планирано е до среда во функција да бидат ставени уште 15 апарати.

„Сакаме да потенцираме, дека ЈСП Скопје уште истиот ден (28.05.2018) кога истече договорот со фирмата-мастер дилер за продажба на нашите услуги почна да ги оспособува апаратите во секундарната продажна мрежа. Во меѓувреме, ЈСП Скопје објави јавен повик до сите заинтересирани субјекти за соработка, што значи дека продажната мрежа ќе се шири. На колку дополнително места ќе може да се купува/надополнува „Скопска“ независно од досегашната развиена мрежа, ќе зависи од интересот на субјектите до кои има јавен повик за соработка“, соопштуваат од ЈСП Скопје, додавајќи дека очекуваат дополнително проширување на секундарната мрежа за продажба на нивните услуги.

Тие додаваат дека за секој нов склучен договор за соработка со заинтересиран субјект, што практично значи нова локација за купување/надополнување „Скопска“, корисниците на нивните услуги ќе бидат навремено информирани преку средствата за јавно информирање, социјалните мрежи и веб страната на ЈСП Скопје.