(Из)вонредни проекции #2 – кратки филмови на Ана Јакимска

Младински образовен форум и Радио МОФ ве покануваат да го проследите второто издание на „(Из)вонредни проекции“. Секоја недела од месец мај, на платформата за видео комуникација – Zоom, МОФ и Радио МОФ организираат заедничко гледање на проекции на македонски краткометражни филмови, во придружба на режисерите и дел од екипата која работела на филмовите.

На 17-ти мај (недела) во 19:00 часот придружете ни се на втората (Из)вонредна проекција заедно да ги проследиме двата краткометражни филмови „Неонски срца“ и „Ќе дојдат децата“ на режисерката Ана Јакимска.

По проекцијата, која публиката ја гледа од дома, следи виртуелна интерактивна Q&A сесија со режисерката Ана Јакимска и Петар Антевски, продуцент на филмот „Неонски срца“, кои ќе ги откријат тајните позади овие две филмски остварувања, инспирацијата и предизвиците кои ги носи снимањето.

„Неонски срца“ е филм за Петар кој е средовечен возач на камион, кој поминува многу време на пат, далеку од дома и семејството. На патот, каде што никој не го познава, тој е слободен да биде тоа што е и да живее како што сака, без осудувања. Но, една ноќ кога се враќа од тура во Букурешт, дознава дека син му исчезнал. Решен е да го најде и да го врати, без разлика на последиците.

„Ќе дојдат децата“ е филм за една млада учителка која е испратена да подучува деца во далечно планинско село. Како што минуваат деновите, од децата нема ни трага ни глас. Единствениот човек што го среќава во селото е една старица, чистачката во училиштето. Кога старицата ќе почине, младата учителка мора да најде начин да преживее.

Пријавете се на следниот краток формулар https://forms.gle/pLP3jKUncqNc49Et7, а ние ќе ви испратиме линк од Zoom на вашата мејл адреса.